Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Струга – Ќафасан

Утрово, во 6.20 часот, на потегот Маврово – Дебар и обратно, поради обилни врнежи на снег, воведена е забрана за движење тешки моторни возила.
Во 7.45 часот се воведува забрана за сообраќај на тешки товарни возила и на патниот правец Струга – Ќафасан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Следната година буџетот за култура ќе изнесува 26 милиони денари, ги поддржуваме македонските изведувачи

Општина Центар, изминативе години бележи значаен напредок во поддршката за култура, за само три години, годишниот буџет за културни активности е зголемен од 3 милиони на 13 милиони денари, се истакнува во соопштението.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека општината секоја година вложува за развој на културата, преку културни активности во кои се ангажираат исклучиво македонски уметници.
„Секоја година реализираме разновидни културни содржини, како концерти, гастрономски фестивали, изложби, улични перформанси и многу други настани. Во 2021 година буџетот за култура изнесуваше 3 милиони денари, а денес, само три години подоцна, достигнува 13 милиони денари. И тоа не е нашата крајна цел. Веќе за следната година планираме буџет од 26 милиони денари, за да обезбедиме уште поголема поддршка за македонските уметници. Општина Центар ги вреднува македонските музичари, уметници и креативци, и ќе остане простор во кој тие секогаш ќе бидат добредојдени и поддржани“, вели Герасимовски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев, Шукова и СДС, уште во 2020 година ветуваа решавање на Вардариште, кое беше дел од програмата на работата на тогашната власт

Заев, Шукова и СДС, уште во 2020 година ветуваа решавање на Вардариште, кое беше дел од програмата на работата на тогашната власт.
Во програмата насловена како „Можеме’’ за парламентарните избори во 2020 година, СДС, Заев и Шукова ветија итна ремидијација на Вардариште, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашува, дали СДС, Заев и Шукова знаат дека имаат ветено повторно доведување во природна состојба на дивата депонија Вардариште и зошто овој проект не бил реализиран изминатите 4 години кога беа тие на власт.
„Зошто Шукова, како државен секретар и министер во Министерството за животна средина и просторно планирање, не го спровела овој проект за кој како што тие барем велат во програмата имаа обезбедено и финансиски средства?
Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште, а сега Шукова како кандидат за градоначалник од редовите на СДС за Град Скопје, повторно го ветува истото“.
Според него, СДС, Заев и Шукова, се луѓе на кои народот не им верува и на минатите избори тоа јасно го кажа. Истото, како што вели, ќе се потврди и на овие локални избори на 19 октомври.
„ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски со јасна визија, план и цел, ќе го решат овој проблем за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, а тоа е почиста животна средина, почист воздух и намалување на бројот на дивите депонии“, додава Манасиевски.
Македонија
МНР: Потпишана нова Рамка за соработка со Обединетите нации

Рамкaта за соработка на ОН 2026 – 2030 претставува клучен стратешки документ кој ќе го води работењето на сите агенции на ОН во земјата во наредните пет години, соопшти МНР.
Инклузивен социјален и човечки развој; одржлива економија и достојна работа; отпорно и зелено општество и екосистеми; владеење на правото и добро управување. Ова се приоритетите на новата Рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации (UNSDCF) 2026 – 2030, што денес ја потпишаа Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија.
„Рамката за соработка е клучен стратешки документ кој го води работењето на сите агенции на ОН во земјата во наредните пет години. Документ на кој сите сме многу горди! Сите активности предвидени во новиот Рамковен договор за соработка се комплементарни и во функција на европската интеграција на нашата земја. Новата Рамка за соработка е развиена во тесна соработка со Владата, следејќи обемен консултативен процес со различни институции и организации, со што се потврдува инклузивноста на процесот. Нашата Влада ќе продолжи да работи блиску со ОН за постигнување на поодржлив развој и ќе остане цврсто посветена на градење на просперитетно и инклузивно општество, создавајќи услови за посветла и поздравa иднина за сите наши граѓани,” истакна Муцунски.
Рамката за соработка на ОН претставува заедничка понуда на ОН во поддршка на националните развојни приоритети на Владата на Северна Македонија.
„Новиот договор за соработка е резултат на нашата заедничка визија со Владата, обликувана од вредни увиди од граѓанското општество, академската заедница и луѓето од секој агол на нашата заедница. Овој договор ја претставува нашата заедничка посветеност кон подобрување на животот на сите во земјата. Заедно утврдивме четири клучни приоритети што се меѓусебно поврзани и дизајнирани да се поддржуваат. Овие приоритети се усогласени со Националната стратегија за развој и ја претставуваат обединетата заложба за напредок на одржливиот развој, без да се остави никој зад себе. ОН ќе работи рамо до рамо со народот на Северна Македонија за создавање на посветла иднина за сите”, рече Рита Колумбија, постојан координатор на ОН.
Вкупно 15 агенции, програми и фондови на ОН (FAO, ILO, IOM, ITU, UNDP, UNECE, UNEP, UNFPA, UNHCR, UNICEF, UNIDO, UNOPS, UN Women, WHO) ја потпишаа Рамката за соработка, обврзувајќи се да ја поддржат и придонесат кон напредокот на земјата во постигнувањето на Целите за одржлив развој во наредниот период.