Македонија
Заев-Галовеј: Потврдена поддршката од Обединетото Кралство за спроведувањето на преспанскиот договор

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј, ја поздрави одлуката на македонскиот парламент во поддршка на преспанскиот договор, што е значителен чекор напред во евро-атлантските интеграции на Република Македонија.
На денешната средба со премиерот Зоран Заев било заклучено дека двотретинското мнозинство во Собранието за предлогот на пристапување кон уставните промени покажало дека е можно пратениците од власта и од опозицијата да работат заедно кога станува збор за клучните прашања за граѓаните и за државата, како што се интеграциите и реформите. Двајцата изразиле поддршка за зајакнување на консензусот во парламентот за прашања од државен интерес.
„Ќе продолжиме во позитивна атмосфера, низ конструктивност и инклузивност, со пратениците во парламентот, да работиме на нацрт-уставните амандмани. Забелешките на пратениците од опозицијата што дадоа поддршка на евро-атлантскиот интеграциски процес на Македонија во врска со содржината на амандманите се во духот на договорот од Преспа. Исто така, постои свест за значењето на помирувањето, кое е неопходно, за да продолжат уште поактивно реформските процеси важни за евро-атлантските интеграции, но и за економскиот развој на државата“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата во врска со реформите соопшти дека фокусот е на втората фаза од судските реформи, на антикорупциските закони, на реформите на УБК, на јавната администрација.
Амбасадорката Рејчел Галовеј соопшти дека Обединетото Кралство активно ја следи политичката ситуација во Македонија и дека дава принципиелна поддршка на помирувањето, кое е важно за интеграциите на Македонија, а со тоа и за стабилноста на целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Саемот на книгата е обид за културен натпревар на народите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и официјално го отвори 37-миот Саем на книгата 2025, најголемиот книжевен настан во земјава којшто под мотото „Храна за душа“, се одржува од 8 до 14 мај во Скопје.
Таа нагласи дека токму Саемот е обид за културен натпревар на народите и рече „со писателите и поетите како сојузници, ние сме подготвени за културен натпревар во Европа и во светот“.
Претседателката потсети на фактот дека иако не сме дел од ЕУ, наши автори биле во 10-те наградени: Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Петaр Андоновски и Ненад Јолдески. „Тоа е нашиот доказ дека ние културно отсекогаш сме биле дел од Европа“, рече таа и повика на културен, а не на некултурен натпревар.
Укажувајќи дека културата, образованието и науката се полиња на рамноправност, каде што нема мали и големи, Сиљановска-Давкова рече дека откажувањето од читање, значи откажување од размислување и ако така продолжиме, тоа ќе не доведе до духовен и интелектуален банкрот.
Сиљановска-Давкова истакна дека младите треба не само да читаат, туку и критички да размислуваат и повика на создавање на „Дом на книгата“, како трајно културно засолниште за идните генерации.
Прогласувајќи го Саемот за книгата за отворен таа го цитираше и Петре М. Андреевски кој нè предупреди дека, ако го загубиме односот кон книгата, ќе го загубиме човечкиот идентитет.
Македонија
Апасиев на средба со Тајасев – заменик претседателот на КПРФ

Во рамки на посетата во Москва, делегацијата на Левица заедно со бројните делегации од останатите земји, беше дел од свеченостите организирани од страна на КПРФ.
„После говорот на претседателот Апасиев во Паркот на победата, беше посетен главниот митинг кај споменикот на Карл Маркс (пред театарот Баљшој), по што делегациите се упатија и положија цвеќе кај споменикот на ,,Непознатиот војник” и Вечниот пламен, кај ѕидините на Кремљ“, соопштија од партијата.
Свеченостите беа завршени со работна средба на делегацијата на Левица и потпретседателот на КПРФ – пратеникот Казбек Куцукович Тајсаев, во канцелариите на Руската Дума.
„На пријателската средба, која помина во срдечна атмосфера, се разговараше за досегашната соработка меѓу двете партии, беа опфатени актуелните теми кои ја задираат европската и регионалната политика, како и за можностите двете партии да допринесат во развојот на соработката помеѓу младите на Македонија и на Русија“, соопштија од Левица.
Од партијата додаваат дека, на покана на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Апасиев заедно со лидерите на идеолошки блиските партии утре ќе присуствува на Парадата на победата организирана по повод 80 години од Големата победа над фашизмот.
Македонија
Муцунски на состанок со министрите од ЕУ: Сега е време за дела, не само за зборови

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на неговиот полски колега, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски, учествуваше на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ (формат GYMNICH), кој се одржа во Варшава, Полска.
Состанокот, организиран во рамки на претседавањето на Република Полска со Советот на Европската унија, претставува обновување на форматот на неформални средби помеѓу ЕУ и земјите-кандидати, по подолга пауза во неговото редовно одржување.
Темата на состанокот беа актуелните предизвици во европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на прашањата поврзани со градењето отпорност кон хибридните закани. Дискусиите беа фокусирани на практични чекори за подобра координација меѓу ЕУ и земјите-кандидати во однос на хибридните закани и влијанието од трети страни.
Во својата изјава пред почетокот на состанокот, министерот Муцунски изрази задоволство од одржувањето на средбата и упати благодарност до министерот Сикорски за вклучувањето на земјите-кандидати во овој процес.
„Во време на геополитичка несигурност, важно е земјите-кандидати да соработуваат со членките во создавањето стратегии за справување со заедничките предизвици. Клучно е што ја претставувам и земја-кандидат и земја која е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Затоа, одлуките и предизвиците со кои се соочуваме се заеднички. Драго ми е што денес соработуваме со колегите од ЕУ, и се надевам дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина“, истакна министерот Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој додаде дека земјите-членки очекуваат од Европската Унија да го надмине јазот меѓу очекувањата и практичната испорака.
„Претставувајќи ја мојата земја, уверувам дека сме посветени на реформите, на усогласувањето со правото на ЕУ и на спроведувањето на реформската агенда, како дел од Планот за раст. Но, очекуваме Брисел и земјите-членки да ја исполнат обврската кон Западен Балкан дадена пред многу години. Тоа значи вистинско проширување, но и крај на билатерализацијата на пристапните процеси за земјите од регионот. Слушаме сѐ повеќе за јасна перспектива, но сега е време не само за зборови, туку и за дела“, додаде Муцунски.
Во рамки на еднодневната работна посета на Полска, министерот Муцунски го посети Меморијалниот музеј „Треблинка“, посветен на сеќавањето на жртвите на нацистичкиот логор на смртта. Тој оддаде почит, остави порака во книгата на жалост и се поклони пред споменикот посветен на македонските Евреи кои ги загубиле животите.