Македонија
Заев до кинескиот амбасадор Ѕуо: Подготвени сме за соработка, посебно на планот на економијата
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина во нашата држава.
На средбата е предадено писмо од кинескиот премиер Ли Кечијанг, со честитки до премиерот Заев, за изборот на новата Влада.
Премиерот Заев упати благодарност до кинескиот премиер Кечијанг, на амбасадорот Ѕуо и до кинескиот народ за навремената помош и поддршка од НР Кина, на нашата држава, за време на пандемијата, што е потврда за добрите билатерални односи помеѓу двете држави.
„Новата Влада силно ќе се посвети на економскиот развој и на значително подобрување на животниот стандард на граѓаните. Немаме повеќе отворени прашања што ги блокираат перспективите на државата. Станавме членка на НАТО, очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Но, независно од нашите стратешки евро-атлански определби, подготвени сме за соработка, посебно на планот на економијата, со сите пријателски држави, меѓу коишто е и НР Кина“, рече премиерот Заев.
На состанокот е поздравен напредокот на нашата држава и е соопштено дека Кина ја поддржува нашата држава во државните стратегии за развој на Република Северна Македонија.
Заеднички е констатирано дека меѓу двете држави постои почитување на стратешките национални определби на државите, но и дека постојат области каде соработката меѓу двете држави бележи нагорна линија и има простор да се унапредува.
Разговарано е за поактивна соработка на планот на образованието, културата, економијата, како во билатералните односи, така и во рамките на 17+1 иницијативата, во којашто се вклучени земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

