Македонија
Заев: За Божик да ја почувствуваме топлината на семејниот дом и љубовта на ближните
Премиерот Зоран Заев, во свое и во име на Владата, упати честитка по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.
Заев во честитката изразува желба во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радост и почит во духот на празникот на надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на Ковид-19.
„Токму кога се соочуваме со исклучително сериозни предизвици, симболиката на најубавиот семеен празник е можност да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да ја почувствуваме топлината на семејниот дом, радоста на заедништвото и љубовта на ближните. Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат, на создавањето дела и вредности достојни за паметење“, пишува во писмото по повод Божик премиерот Заев.
Тој воедно апелира празничните денови да се слават во кругот на домот, да покажеме, како што вели, одговорност кон себе, кон своето семејство и кон државата, со почитување на препораките за физичко растојание и за носење на заштитна опрема.
„Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани!“, порачува во писмото по повод Божик, премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.