Македонија
Заев за „Политико“: Унијата ризикува да го изгуби влијанието на Балканот
Ако Европската Унија наскоро не ги почне преговорите за членство со Македонија и Албанија, ќе го изгуби местото пред ривалските сили на Балканот, предупреди премиерот Зоран Заев во интервју за „Политико“.
Како што потсетува „Политико“, членките на ЕУ пред повеќе од една година се согласија да почнат разговори со двете земји, но процесот е во мирување, главно затоа што Бугарија го блокираше патот на Северна Македонија кон преговарачката маса. Владата во Софија инсистира на тоа дека билатералните спорови меѓу Бугарија и Северна Македонија околу јазикот и историјата мора да се решат пред да почнат разговорите, се додава во текстот.
Исто така се наведува дека фрустрацијата со ЕУ во регионот се надополнува со слабиот напредок на блокот во обезбедувањето вакцини против коронавирус на балкански соседи, што ги наведува да се обратат до Русија и Кина за помош.
„Толку многу жртви. И после тоа ЕУ не испорачува? Тоа е проблем. Покажуваме повеќе европски вредности и европски манири отколку ЕУ “, рече Заев во интервјуто.
Тој нагласи дека неуспехот да се почнат разговорите ќе влијае не само на Македонија и на Албанија, туку и на поширокиот регион на Западен Балкан, кој сега е опкружен со членки на ЕУ и беше сцена на серија војни во 90-тите години на минатиот век, кога Југославија беше поделена.
И, ако патот на регионот кон ЕУ се забави, рече Заев, „има повеќе простор“ за другите сили, наведувајќи ги особено Русија и Кина.
Заев, исто така, ја отфрли идејата дадена од европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј, за продолжување на разговорите за членство на Албанија, а мирување на преговорите за Македонија.
Заев истакна дека шефовите на европските институции, како и повеќе земји членки на ЕУ, во последните денови јасно изјавиле дека двете земји треба да одат заедно. Германија, Словачка и Грција се меѓу оние што јасно ставија до знаење дека не ги делат ставовите на унгарскиот комесар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

