Македонија
Заев и Борисов: Кој направи отстапка за македонскиот јазик?
На денешната прес-конференција, по средбата со новиот македонски премиер Зоран Заев, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека двете страни се “сосема блиску” до конечното потпишување на Договорот за добрососедство. Овој договор ги отежнува односите меѓу Софија и Скопје со години поради многуте нерешливи прашања за кои не може да се постигне консензус. Досега администрацијата на екс премиерот Никола Груевски не демонстрираше особена волја за решавање на овие проблеми. Денес сепак Зоран Заев даде оптимистички сигнали – пишува денес бугарскиот портал „Актуелно“. Според порталот,интересен момент беше изјавата на премиерот Борисов, кој навести можност за решавање на т.н.. “јазичен спор” помеѓу Бугарија и Македонија.
„Откако Македонија прогласи независност од Југославија, Бугарија е првата земја која ја призна. Ова се случи во 1992 кога Софија ја призна безусловно Македонија како независна и суверена, со официјалното име “Република Македонија”.

За Бугарија практично територијалниот субјект – државата и нејзиниот народ не се едно исто, па затоа македонската нација и македонскиот јазик не се признати од неа. Официјална Софија стои зад тезата дека македонскиот јазик претставува писмена регионална форма на бугарскиот јазик, бидејќи е изграден врз основа на бугарски дијалект.. Пробивот во однос на преговорите за јазикот е направен во 1999 година, кога тогашниот премиер Иван Костов го призна правото на Македонија да се служи со официјалниот јазик. Тоа практично го внесе јазикот во строго географски поими – тој е географски ограничен само за територијата на Република Македонија. По правило, сепак, формулацијата која Бугарија ја користи за македонскиот јазик, е “официјален државен јазик” или “официјален јазик на државата”. Бугарија веќе две децении признава само географска територија, но не и нација и посебен јазик. Тоа, логично, го загрижува Скопје и претставува сериозен проблем пред потпишувањето на Договорот за добрососедство.
Затоа не беше изненадувачки прашањето од македонски новинари на денешната прес-конференција дали Бугарија има проблем со македонскиот јазик и дали договорот ќе биде потпишан на македонски, бугарски јазик или “нешто друго”.
“Постојат зборови кои би можеле да имаат различно толкување. Ние, како држава, први ја признавме Република Македонија. Во Уставот на Република Македонија е кажано каков јазик има оваа држава. Соодветно, договорот треба да се потпише на јазикот опишан во нејзиниот Устав. Затоа сега сметам дека кога министрите за надворешни работи за последен пат ќе го прегледаат документот, тогаш со премиерот и со останатите колеги ќе донесеме одлука “, одговори бугарскиот премиер.

Зборовите на Борисов можат да се разберат како сигнали во две насоки. Прво, дека Бугарија и натаму стои на позицијата за непризнавање на македонскиот јазик. Борисов внимателно ги избираше зборовите и не употреби “македонски јазик”, продолжувајќи ја официјалната државна политика по прашањето. Од друга страна, тој посочи на можноста по конечното прегледување на документот да биде донесена некаква одлука. Тоа би можело да значи решавање на јазичниот спор и признавање на македонскиот јазик – невиден историски потег во билатералните односи.
Дали Бугарија ќе го признае македонскиот јазик и нација, се позиции, засега само во сферата на шпекулациите, бидејќи Договорот за добрососедство е доверлив документ , чија содржина никогаш не беше објавена јавно. Беа откривани одредени делови од него изминатите години, за кои сепак не е јасно дали се актуелни и во каква форма се развиле во последниот договор. Така на пример европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, објави некои информации околу конфликтните теми во договорот. Според него еден од неприфатливите моменти е делот во македонскиот Устав според кој Македонија се грижи за своите граѓани во соседните земји и за нивните права. Друга невралгична тема е заедничката прослава на настани и личности од заедничката историја на двете земји, за што сепак Заев денес направи големи отстапки, објавувајќи ја јасно желбата на Македонија и на Бугарија да слават заеднички. И на крајот прашањето на каков јазик ќе биде потпишан документот,т.е. јазичниот спор. Со промената на власта во Скопје изгледа дека македонската страна е подготвена на отстапки за Договорот за добрососедство конечно да стане факт. Останува прашањето – какви остапки ќе направи Бугарија?“, го завршува текстот авторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.

