Македонија
Заев и Манчевски сведочеа пред кумановскиот суд
Во Кумановскиот суд, во петок, се одржа главната расправа по приватната тужба на Виктор Цветковски за неовластено снимање и објавување аудио снимки во кои тужени се претседателот на СДСМ, Зоран Заев, партијата СДСМ и претседателот на општинската организација Мартин Костовски.
Обвинетите Заев и претставникот на правното лице Дамјан Манчевски беа сослушани како сведоци на одбраната, додека претседателот на општинската организација на партијата Мартин Костовски беше отсутен поради, како што објасни адвокатот на одбраната Мирослав Вујиќ, службени обврски.
Заев истакна дека објавените снимки меѓу Цветковски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се дел од проектот „Вистина за Македонија“ и оти одлуката за нивно објавување е донесена од највисоките органи на СДСМ.
„Ние сме овде по приватната тужба на Цветковски да ги дадеме сите потребни одговори помагајќи и на правдата секако да излезе до крај“, изјави Зоран Заев
„Апсолутно ќе ја почитуваме одлуката на судот, но верувам дека не може да станува збор за никаква одговорноста на СДСМ туку напротив треба да зборуваме за одговорност на сите оние кои што во разговорите ги слушнавме дека сториле толку многу злодела“, изјави Дамјан Манчевски.
Цветковски, кој инаку е генерален секретар на ГРОМ, поднесе приватна тужба против Заев, Костовски и правното лице СДСМ поради објавување на телефонски разговори меѓу него и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска водени во 2013 година меѓу двата круга од локалните избори, кои беа објавени во „бомбите“ на СДСМ, на пресконференција одржана во Куманово.
„Во целиот случај гледам господата од СДСМ си земаа за право да одлучуваат кој во Македонија ќе биде снимен и кои од разговорите ќе бидат објавени Денеска од нивните искази не слушнавме ништо друго , исклучиво како обид за дискредитација на мојата личност и од тие причини разговорите биле објавени“, изјави Виктор Цветковски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот кон Ќафасан поради сообраќајка
Поради сообраќајна незгода сообраќајот према ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време со температура до 6 степени
Времето ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.

