Македонија
Заев и Тевдовски: Владата ги поддржува развојните програми на општините за подобри услуги за граѓаните
Заложба на Владата е да ја помогне работата на општините со цел проектирање и реализација на повеќе развојни и капитални проекти, со што граѓаните ќе добиваат подобри услуги за даноците што ги плаќаат и ќе бидат комплетно информирани за трошењето на тие средства, рече премиерот Зоран Заев на средбата со Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), предводена од претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов.
„Владата на Република Македонија е многу свесна за важноста на општините во земјава, и оттаму со ваквото решение сакаме да го намалиме нивниот долг за да можеме да сметаме на нивниот капацитет, кој сега е десеткуван. Затоа одлучивме да одвоиме педесет милиони евра како поддршка за општините, во форма на еднократна финансиска инјекција, за да можат градоначалниците да ги стабилизираат развојните капацитети на своите општини“, рече премиерот Заев на средбата.
Премиерот Заев, исто така, рече дека сите предлози кои доаѓаат од ЗЕЛС се добредојдени и се во духот на конструктивноста во пристапот на решавањето на актуелните проблеми со задолженоста на локалните самоуправи во Македонија, како и за финансиско стабилизирање на општините.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на средбата појасни дека планирањето на буџетите ќе се базира на реална основа, односно буџетот на општините ќе може да се проектира со максимални 10% раст во однос на просекот од остварените приходи во последните три години. Тоа е мерка која претставува гаранција дека проблемот со задолжувањето на општините нема да се повтори, затоа што, како што рече тој, ќе се спречат таложења на неплатени обврски и ќе се подобри финансиското работење на општините.
Претставниците од ЗЕЛС ја поздравија заложбата на Владата да им се помогне на општините да го решат проблемот со презадолженоста со што, како што рекоа тие на средбата, ќе можат со поголем капацитет да се посветат на конструктивна работа и решавање конкретни проблеми во интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

