Македонија
Заев и Филипче промовираа кампања за вакцинација и борба против дезинформациите – „За моментите на среќа – вакцинирај се“
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, ја промовираа новата кампања, со цел да го зголемат обемот на вакцинација во земјава, но и за борба против „антиваксерското дезинформирање на населението“.
Тие го промовираа и рекламниот спот за кампањата, насловена како „За моментите на среќа – вакцинирај се“, каде се прикажани луѓето како патуваат, одат на поголеми прослави, прават свадби, се дружат, а децата одат во училиште без маски, со цел, како што рече Филипче, да се потсетат граѓаните како се живеело пред пандемијата.
„Граѓаните мора да ги имаат точните проверени стручни информации за вакцините. Новиот пик и новиот делта-сој потврдува дека една од најсуштинските мерки е масовната имунизација на населението. Со новите мерки што ги донесе владата лежи токму таква цел и тие даваат ефект. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствен начин да се победи пандемијата. За да го поттикнеме овој тренд и да ги охрабриме граѓаните, ја лансираме оваа кампања“, изјави Заев.
Според Филипче, вакцината во моментов е најсилното оружје против Ковид-19.
„Гледаме дека повеќето смртни случаи и оние со потешки форми се невакцинирани. Сосема мал е бројот на заразени кај вакцинираните. Оваа кампања ќе ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата, треба да ги разбие сите митови и дезинформации и да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат. Ќе се бориме против овие дезинформации кои ги заплашуваат граѓаните и ќе ги разбиеме сите митови“, рече Филипче и ги повика младите да се вакцинираат во што поголем број, за да се заштитат себе и околината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ: Дигиталниот напад врз „Слободен печат“ е напад врз слободата на медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара брза, итна и енергична акција на Основното јавно обвинителство и на Министерството за внатрешни работи при координираната и злонамерна активност насочена кон профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм.
„Оваа очигледно организирана и нарачана активност, предизвикана од масовни пријавувања на содржините е со јасна цел, нарушување на работата на редакцијата и форма на притисок врз медиумот кој со ништо не ги нарушил правилата на платформата.
ССНМ смета дека овој вид на напади, а во случајот на Слободен печат, циклично и констатно се повторуваат, е директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедност на онлајн просторот, и бара итна институционална акција на надлежните органи, во прв ред на Основното јавно обвинителство и МВР. Тие мора да преземат се што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се надева дека Слободен печат како еден од водечките медиуми во земјава нема да запре со одговорното и транспарентно работење и ќе продолжи со професионалното новинарство иако предизвиците се огромни, но подлегнување на обидите за замолчување преку новите начини на дигитален притисок ќе бидат исполнување на целта на лицата или интересните групи“, велат од ССНМ.
Фото: pexels
Македонија
Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи
Централниот комитет на Македонски Концепт повика на донесување Резолуција за осуда на комунизмот и Закон за забрана на комунистичките симболи и тоталитарната идеологија, наведувајќи дека вакви чекори веќе презеле Полска и Чешка, кои со закон ја изедначиле комунистичката со нацистичката пропаганда.
Од партијата посочуваат дека тие земји претставуваат патоказ за целосна интеграција во Европската Унија и сметаат дека исто законско решение треба да донесе и Македонија. Како прв чекор се предлага усвојување резолуција во Собранието, а потоа и закон со кој, како што наведуваат, би се затворила правната празнина што овозможувала глорификација на тоталитарен режим.
Во соопштението се наведува дека со законското решение би се спречиле, како што велат, обидите за рехабилитација на комунистичкото минато и негова политичка злоупотреба. Македонски Концепт бара криминализација и забрана на јавната употреба на комунистички симболи, како и третирање на говори и собири кои поттикнуваат омраза или сузбивање на човековите права на ист начин како и нацистичката идеологија.
Дополнително, од партијата бараат забрана за финансирање движења и политички субјекти кои, според нив, промовираат тоталитарни идеи, како и официјално признавање на криминалите извршени од комунистичкиот режим во Македонија. Во текстот се споменува и барање за конфискација на економските и политичките привилегии стекнати во периодот на тој режим.
Од Македонски Концепт оценуваат дека тврдењата на левичарските структури оти ваквите иницијативи се напад врз демократијата претставуваат, како што наведуваат, избегнување на соочување со минатото, додавајќи дека демократијата се заштитува со јасно разграничување меѓу политички дијалог и глорификација на тоталитарни режими.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.

