Македонија
Заев – Лајчак: Поддршка од ЕУ за натамошен напредок на земјата во духот на европските вредности
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, вечерва имаше онлајн-средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На состанокот е изразена поддршка за напорите на Република Северна Македонија во процесот на европските перспективи. Пренесено е дека премиерот Заев ги има симпатиите и поддршката од европските институции за натамошен напредок на нашата држава во духот на европските вредности.
Премиерот Заев се заблагодари за охрабрувањето што е секогаш добредојдено и важно, особено кога се работи за реализацијата на клучните стратешки државни цели.
„Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негувањето на добрососедските односи, на економскиот развој на државата, посветени сме на заштитата на јавното здравје. Нашите искрени политики на дијалог ги покажуваат европските вредности што ги застапуваме и веруваме дека тие ќе овозможат натамошен развој на земјата“, рече премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека концептот едно општество за сите во нашата држава успешно се развива и дека е добар пример како – ако се има политичка волја и чувство за потребите на граѓаните – се можни решенија што овозможуваат перспективи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

