Македонија
Заев му дава на Иванов неколку дена да се премисли, во спротивно ќе се бира претседател на Собрание
Ќе се остави простор Претседателот Ѓорге Иванов да се премисли и сепак да му го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој достави до него потписи на 67 пратеници, услов поставен токму од Иванов, но сепак мандатот не му беше даден затоа што претседателот одлучи мандат да не дава „на човек кој преговара за туѓи платформи“.
„Не е разговарано за никаква платформа, со Ахмети разговаравме како да се вратат парите назад. Будалаштини се дека ќе бидат казнувани тие што не зборуваат албански јазик. Во моментов 33 општини се двојазични. Ги манипулираат луѓето дека се воведува двојазичност или дека парите ќе бидат двојазични. Такво нешто нема“, рече Заев.
Во синоќешното интервју во емисијата Отворено на Тв24Вести лидерот на СДСМ ги откри и идните чекори доколку Претседателот Иванов не ја преиначи одлуката и не му го даде мандатот.
„Јас верувам дека ако Иванов, а веќе и ден после неговата одлука стои на истиот став, односно не го дава мандатот, ќе создадеме такви причини преку чекорите коишто ги преземаме, за на крајот да ја промени одлуката. Верувам дека тоа така треба да се движи и тоа така го најавуваме и ќе направиме се тоа да се случи, ден побрзо“, рече Заев.
Заев е убеден дека избори во овој момент ѝ одговараат единствено на СДСМ. „Не ѝ одговараат на Македонија, на ВМРО, на ДУИ а ниту, пак, на малите партии“.
Заев, во интервјуто, ги демантираше наводите дека со ДУИ планирале одложување на локалните избори.
Тој е уверен дека СДСМ „и тоа како“ ќе ги добие локалните избори, но во моментов смета дека не се решение и нови парламентарни избори, зашто „само ќе се повторува истото, а земјата ќе губи“.
„Јас лично сум против промена на Устав, промена на химна, знаме, грб. Со вадење на народ на улица ВМРО-ДПМНЕ сака да создаде заштита на бандитизмот, под превезот на себезаштита. Груевски ја навлекува Македонија во подлабока криза“, изјави Заев.
Според Заев, постои решение за излез од новонастанатата ситуација, и тоа со влегување во Собрание и избор на претседател на Собранието .
„Ве уверувам дека постои решение за оваа работа. Едно од решенијата е премногу очигледно. Парламентот може да избере претседател на Собранието и тука нема никаква допирна точка со Ѓорге Иванов или со било кој. 67 -те мандати барем гарантираат дека може да се избере со мнозинство гласови претседател на Собранието и тоа е еден од извесните чекори кои ќе доаѓаат. Тоа е во моите планови, во плановите на Ахмети и плановите на другите политички партии и беше дел од пакетот за кој што се разговара“, обелодени Заев.
Заев рече дека нема да открие повеќе детали затоа што претранспарентноста на СДСМ можела понекогаш да се злоупотреби за лоши работи.
„Тоа не е причина за да не бидеме транспарентни, само ве уверувам дека постојат решенија и лепеза од опции коишто можеме да ги преземеме како идни чекори за да не дозволиме некој поединец да држи во заложништво цела држава преку тоа па да расте потенцијал за недај боже лоши случувања помеѓу граѓаните. Постојат опции. Јас ја посакувам и треба да се случи опцијата којашто требаше досега да биде случена, Иванов да го даде мандатот“, рече Заев.
Тој нагласи дека треба да се случи избор на претседател на Собрание во најбрз можен рок, пратениците да се договорат за име за претседател на Собранието, за да побараат од претседавачот на Собранието да ја продолжи прекинатата седница, да се формира комисија за изборни именувања и да се избере претседател на Собрание.
За мандатот на Специјалното јавно обвинителство Заев вели дека „ако мандатот на СЈО не успееме да го продолжиме треба да знаат сите материјалите како докази се искористуваат, и дека ако нема СЈО тогаш ќе има јавно обвинителство. Секој ќе одговара ако доказите покажат криминални дела без разлика од која партија се, дали од СДСМ, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

