Македонија
Заев најави пријави против ВМРО-ДПМНЕ за предвремено почнување на кампањата
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави пријави против ВМРО-ДПМНЕ поради предвремено почнување на предизборната кампања. Тој вели дека опозициската партија продолжила да се однесува антидржавно, а делењето партиски пропаганден материјал е кулминација на нивното однесување.
„Нивното антидржавно однесување беше обележје во сите овие три години како опозиција. Беше обележје и во време на кризата со коронавирусот. Последен доказ за тоа е предвременото почнување на кампањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, чии носители, кандидати за пратеници, носители, активисти, викендот јавно делеа партиски пропаганден, предизборен материјал, што е спротивно на законите и за што ќе добијат соодветни пријави преку институциите“, рече Заев.
Според него, СДСМ ги почитува мерките за заштита од коронавирусот, а ВМРО-ДПМНЕ застанала во одбрана на партиските интереси.
„Од една страна е СДСМ, посветен на промоција и почитување на мерките и законите, а од друга страна е ВМРО-ДПМНЕ, која не почитува закони, а нејзиниот претседател Мицкоски не почитува мерки за заштита од коронавирусот. Додека сите капацитети на државата се ставени во одбрана од пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски како по обичај застанаа во одбрана на партиското профитерство, на штета на граѓаните и јавното здравје. Јасно е кој промовира превентивни мерки, а кој свесно и умесно ги крши“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

