Македонија
Заев најави реизбор на судиите (ВИДЕО)
Премиерот Зоран Заев по средбата со амбасадорот на ЕУ, Семјуел Жбогар, најави реизбор на судиите порачувајќи дека тие не треба да се плашат од тоа бидејќи станува збор за најчесен процес што го практикуваат и други земји за реформи во судството, што притоа нема да го водат политичари туку експерти. Тој најави исто така дека во овој процес ќе ги следат не само европските практики туку и препораките на Венецијанската комисија.
Заев наедно ги повика сите пратеници да застанат зад она што го потпишаа веќе нивните политички партии околу СЈО, односно да му го продолжат мандатот бидејќи, според него, не е фер да не им се остави да ја завршат и другата половина од работата, откако од ова обвинителство соопштија дека успеале да преслушаат само половина од снимките.
Прашан која ќе биде прва задача на владата, Заев рече дека ќе го остават популизмот во втор план и место тоа денеска ќе ги распределат надлежностите на министрите без ресор, при што ќе им каже што очекува од нив како решенија.
Околу разговорот со Жбогар, Заев изјави дека една од задачите на Владата е да ја тргне условената препорака од Европската комисија и дека за таа цел веќе се договара состанок со еврокомесарот Јоханес Хан и неговиот тим. Еден од условите од кои зависеше таа, според Заев, беа регуларни избори, но очекува сега Хан да ги каже другите обврски од реформите. Тој најави дека владата е целосно оптимистичка и позитивна, и ќе работи на ова прашање во тој дух, и покрај спорот за името со Грција.
Дека се цврсто решени да ги исполнат сите барања за да се отвори европерспективата Заев потврди со намерата да воспостави систем на сериозни контроли на работата на институциите или, како што рече, систем кој ќе ја чува Македонија и од СДСМ. На крајот тој најави дека ќе работи и на придобивање на опозицијата, односно дека ќе има поголемо разбирање за неа, дека ќе направи инклузивен политичкиот процес во земјата, па и ќе се обиде „да направи добри луѓе од ВМРО-ДПМНЕ“.
За денеска или најдоцна утре Заеев најави исплата на пензиите, гарантирајќи дека државата ќе биде целосно капацитетна со финансии и ќе ги троши парите пуштајќи ги директно кај граѓаните.
„Немам чувство дека треба да се плашам од нешто“, порача на крајот Заев околу тоа дали очекува мирни сто дена на функцијата.
Евроамбасадорот Жбогар му честиташе на Заев што презел ваква одговорност во овој важен политички момент за Македонија нагласувајќи дека сега имаме функционален Парламент и влада, што ѝ дава доверба на ЕУ дека земјата излегува од кризата. Според него, Брисел гледа со оптимизам на иднината на Македонија, споменувајќи ги во тој контекст и чувствата што ги предизвика вчера победата на Вардар. Сега е време да се почне со вистинска работа, со спроведување на реформите, рече Жбогар нагласувајќи ја подготвеноста на ЕУ да ѝ даде помош и насоки на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

