Македонија
Заев на обвинителна клупа за „Поткуп“

Откако на минатото рочиште за случајот „Поткуп“, кое траеше шест и пол часа, се сослушуваше бизнисменот Иван Николов – Сачавалиев, денеска продолжува судењето во кој обвинет е премиерот Зоран Заев.
Според исказот на сведокот Сачавлиев, тој бил користен како агент провокатор. Адвокатите на Заев тврдат дека за тоа не постои наредба. Сведокот Сачевалиев тврдеше дека во 2013 година, кога Заев беше градоначалник, знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште и му се јавил за да дојде кај него за 15 минути во градоначалничкиот кабинет во Струмица. Му рекол дека може да го откупи земјиштето за 70 денари од квадратен метар, но дека ќе треба да плати плус три евра – едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата.
Според обвинителството, Заев побарал поткуп со умисла да изврши кривично дело.
Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од приближно 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани: Блиската и плодна соработка со Австрија и Словенија е дел од една поширока европска приказна за заеднички напредок, стабилност и споделени вредности

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа заедничка прес-конференција со Сојузната министерка за Европа, интеграција и семејство на Република Австрија, Клаудија Плаколм и со Државната секретарка за европски прашања на Република Словенија, Нева Грашич, во рамките на нивната работна посета на Скопје.
На прес-конференцијата, министерот Муртезани ја истакна блиската и пријателска соработка со Австрија и Словенија, нивната континуирана и принципиелна поддршка за европскиот пат на Северна Македонија, како и заедничката посветеност на продлабочување на партнерството во рамките на европската агенда.
Во своето обраќање, министерот посебно изрази благодарност за солидарноста и помошта што двете држави ја пружија при гаснењето на пожарите во земјава, нагласувајќи дека таквите гестови претставуваат вистинско пријателство на дело и израз на европска блискост и заедништво.
Македонија
Муртезани домаќин на австриската и словенечката делегација: Гласна поддршка за нашата европска иднина

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, ги пречека делегациите од Република Австрија и Република Словенија, кои престојуваат во работна посета на земјата, а кои се предводени од Сојузната министерка за Европа, интеграција и семејство на Република Австрија, Клаудија Плаколм и државната секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Нева Грашич. Во рамките на посетата се одржаа билатерални средби и заедничка трилатерална средба на која беше потврдена континуираната и принципиелна поддршка од Австрија и Словенија за европската интеграција на Северна Македонија.
На состанокот беше истакната исклучителната важност на продлабочувањето на соработката со двете држави, кои како докажани пријатели и партнери на нашата земја, доследно ја поддржуваат нејзината европска перспектива. Министерот Муртезани изрази благодарност за досегашната силна и видлива поддршка што Австрија ја дава во рамките на политиката на проширување на Европската Унија и за нејзината активна улога во афирмацијата на концептот на постепена интеграција, како средство за побрзо приближување на земјите од Западен Балкан кон европското семејство. Притоа, тој потенцираше дека Северна Македонија останува посветена на исполнувањето на обврските и реформите врз основа на заслуги и очекува европскиот процес да продолжи со јасна и меритократска динамика.
Во разговорите со австриската страна беше нагласено значењето на ангажманот на Австриската агенција за развој (ADA) во регионот, особено во областите на добро владеење, владеење на правото, одржлив и инклузивен економски развој, како и заштита на животната средина и климатските политики. Министерот Муртезани ја изрази подготвеноста за посилно вклучување на Агенцијата во координациските механизми на Владата, како и интерес за воспоставување постојано претставништво на ADA во земјата, со цел уште поефикасна реализација на заедничките развојни приоритети.
Во рамките на разговорите со словенечката делегација, беше потврдена долгогодишната традиција на пријателство и блиска соработка меѓу двете земји, кои немаат отворени прашања и се одликуваат со исклучително партнерски односи. Словенија и понатаму останува еден од најгласните и најконзистентни поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија, како и активен учесник во реализацијата на билатерални и регионални проекти за институционално зајакнување и развој. Во тој контекст, беше посочена и успешната имплементација на повеќе инфраструктурни и енергетски проекти финансирани со словенечки развојни средства, насочени кон заштита на животната средина, дигитализација, иновации и локален економски развој.
Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Република Северна Македонија за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката со Република Австрија и Република Словенија, во духот на заедничките европски вредности и регионалната солидарност. Тој подвлече дека искреното пријателство и конкретната поддршка што нашата земја ги добива од овие две држави претставуваат значаен поттик за продолжување на реформскиот процес и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Заев: Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија“

„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која и ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, реагира поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев.
„Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни “куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија” како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици.
А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, додава Заев.