Македонија
Заев од Пеленица: Работиме со срце и одговорност за државата, повикувам на совесно и одговорно однесување од сите
Доаѓам наваму, ме застана еден наш другар и ми вели, претседателе, не ви се чини ли некако Пеленица најубава досега?! Погледнав наоколу, му одговорив – Да, а си помислив, изгледа зашто во душата ни е убаво. Има и зошто да ни е убаво во душата другари – затоа што нашата убава, признаена, осигурана, слободна, перспективна земја ни е во неа.

Еве ја Република Северна Македонија пред позитивната одлука за датум за почеток на преговорите со Европската унија. Еве сме на заокружувањето на интеграциите, како 30-та земја членка на НАТО. Еве сме во процес на економски развој – растат плати, детски додатоци, социјална помош, растат странски инвестиции. Имаме, и тоа какви причини, денес посебно, во три децениската независност, да се чувствуваме и достоинствено, и среќно, и мотивирано – убаво.
Нека ни е честит и вековит на сите, почитувани граѓани, 8-ми септември, денот на независноста на нашата заедничка Македонија, денешна Република Северна Македонија!

Оваа наша држава, за две години, на затекнатите рушевини успеа да ги обнови: мостовите дома, мостовите со соседите, со регионот, мостовите кон светот. После децениска изолација и сиромаштија, почнавме интеграциско развојно темпо што не можеше ни да се замисли! Се случуваат, и интеграции и развој.

Придонесот за напредокот на нашата држава е на сите граѓани, на сите влади, на сите партии од осамостојувањето на државата – нечии придонеси поголеми, нечии помали. Но, едно нешто е факт. Овој напредок, на нашата земја, го поведе и предводи социјалдемократска партија – нашиот, твој, мој, заеднички, Социјалдемократски сојуз. Овој историски напредок, што го живее денешна Република Северна Македонија, поставен на аманетот на претците, што со гордост ќе го предадеме во аманет на идните генерации, е можен само со државотворна партија, каква што е Социјалдемократскиот сојуз. И не фалба, реалност е, државата успева кога Владата ја води или е дел од неа, СДСМ.

Затоа што, едно е да си голема партија, а друго е да си државотворна партија. Првото значи бројки. Второто значи и срце и одговорност. Тоа што државата успева кога СДСМ успева не е само поради бројноста на приврзаниците, туку поради срцето и одговорноста со коишто работиме за нашата родна земја. Тоа е вистински патриотизам, на дело.
Така беше кога носевме одлука за независноста на Македонија во 1991 година. Нашиот прв претседател Киро Глигоров пред нас, и премиерот Никола Кљусев, го дадоа патоказот како се работи заедно за државните интереси. Тоа требаше некој да го види и испочитува. Го направивме тоа и еве ги денес успесите.

Со срце и одговорност работевме и кога ја спасивме државата од војна 2001-та година. Така беше и кога почнавме да го градиме патот кон ЕУ, во 2005-тата година. Така беше сите овие години кога стоевме на браникот на демократијата, посебно во 2011-тата година и во 2016-тата година кога беа загрозени државниот поредок и демократските права.
И важниот пресвртен момент, со срце и одговорност кон нашата држава, СДСМ се отвори целосно кон граѓаните во 2017-та година, кога го препозна крикот за обединување за да го победиме режимот. Се здруживме сите, без задршка, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други, од какви било политички определби и различности и на нашата држава ѝ создадовме граѓанска, демократска, проевропска Влада. Исто како што пред 28 години, во 1991-та година граѓаните, здружено, масовно и по сопствена волја, избраа слободна, суверена, самостојна и независна држава.
И така работиме и денес – интересите на државата пред `се. Промените во СДСМ се слух за потребите на граѓаните и државата. Со консензус ги носиме важните државни реформи. Низ политики на наоѓање решенија, наместо оправдувања, ги затворивме сите прашања со соседите. Во европски дух на почитување и разбирање ги градиме меѓународните односи и со нашите стратешки партнери, НАТО и Европската унија, а отворени сме за економска соработка со сите држави со цел да ги обезбедиме економските придобивки за секој наш граѓанин.
Посветени кон државните интереси во значајниот период што претстои, очекувам да бидат и сите државни институции и политички партии. Убеден сум дека имаме капацитет како држава, со двотретинско мнозинство да го донесеме и Законот за јавно обвинителство. И сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата правна држава. На прашањето која Влада е најдобра, Гете рекол: Онаа која што не учи како да владееме сами со себе. Затоа што, нема поголема власт од онаа над самите себе и своите предизвици.
Сите сме луѓе. И не смееме да се делиме на луѓе на позиции и без позиции. Секој е на позиција да го подаде она што го носи во себе за доброто на државата и тоа е најважната позиција. Оној на кого му е доверена државничка позиција, има обврска повеќе да го препознае, почитува и да му даде шанса на тоа добро од граѓаните што ги претставува и на кои им служи.
Почитувани присутни, членови на СДСМ, граѓани кои сте дел од позитивните процеси во државата – Благодарам за влогот и и за вашето разбирање на победничките подвизи. Дека тие бараат совест и храброст. Дека успесите се можни без калкулации. Дека секој во овој процес е важен. И дека сечие време и сечии шанси доаѓаат, кога се работи искрено и трпеливо. Чекориме напред. И само така е можно да продолжиме напред, бидејќи сега е јасно: На прав пат сме.
Успесите во евроатлантските интеграции овозможија над 54.000 нови реални вработувања за само две години. Внесоа рекордни, над 625 милиони евра странски директни инвестиции во 2018 година. Платите пораснаа и државата ќе ги помогне приватните фирми, со плаќање на придонесите за оние што ќе ги качат платите на работниците до 100 евра, со што уште повеќе ќе растат. Приливот на пари во Пензискиот фонд ќе овозможи и раст на пензиите. Ќе следува ново покачување и на минималната плата, што веќе ја покачивме на 12.000 денари. Детскиот додаток им се исплатува на 20.300 дечиња, што е за три пати повеќе од претходно. И образовен додаток им се исплатува на над 8.000 деца, што е за повеќе од три пати, од претходно. Се гради и обновува во државава, со најсилно темпо од независноста досега. Проектирани се 1 милијарда во патишта, над 1 милијарда во железница, над 1 милијарда во енергетика, инвестираме во здравството, водоводите, животната средина.
Затоа, ќе порачам. Ние работиме, знаеме од каде сме почнале и знаеме што сме постигнале од таа, некаде нулта, некаде минусна точка од којашто тргнавме. Но ги знаеме и потребите на граѓаните што не можат да чекаат. Имаме многу да сработиме. Немаме простор да сме комотни. Барам фокус кон обврските за коишто како партија и како Влада, добивме мандат од граѓаните. Потребни ни се способностите на секој поединец, на секој од вас! СДСМ ѝ е потребна на Република Северна Македонија, зашто покажа историјата, покажа 8-ми септември, покажа три децениската независност на Македонија, Социјалдемократскиот сојуз е таа државотворна партија со којашто се безбедни и државата и граѓаните.
Повикувам, посебно во значајниот период пред нас, на совесно и одговорно, државотворно однесување од страна на секој граѓанин, на сите политички партии, организации, во името на добрата иднина на сите нас, во име на доброто на Република Северна Македонија и на сегашните и идните генерации. Да ни е среќен денешниот голем државен празник, денот на независноста на нашата Република!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

