Македонија
Заев од 30. роденден на СДСМ: Партијата победува, но и постојано се менува
На онлајн-прославата по повод 30. роденеден на СДСМ, претседателот на партијата, Зоран Заев, истакна дека неговата партија 30 години води храбри, визионерски и државнички политики што водат напред.
Од вонвременскиот 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје до историскиот 30 март 2020 на платото пред седиштето на НАТО во Брисел, СДСМ е нераскинлив дел од секој успех на државата и граѓаните, рече Заев.
„Меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па сѐ до кандидатскиот статус за ЕУ, договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, се трајните државотворни печати на СДСМ“, истакна Заев.
На меѓународен план, како што рече, СДСМ ја вратил државата на патот на евроинтеграциите.
„Без да калкулираме со личните и партиските рејтинзи, го решивме долгогодишниот спор со Република Грција, го заштитивме идентитетот и ги отворивме вратите на ЕУ и НАТО пред кои предолго чекавме. Пред нешто повеќе од една година, во март 2020, ја остваривме тридецениската стратешка цел – Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, на најсилниот и најголем воено-безбедносен сојуз во светот“, потенцира претседателот на СДСМ.
Според него, СДСМ победува, но и постојано се менува.
„Први во државата организиравме внатрепартиски непосредни избори за претседател на партијата, поставивме нов стандард во внатрепартиската демократија. Промените ќе продолжат и со конгресот, кој ќе се одржи во мај, со нова енергија, со нова политика, ќе продолжиме во реализација на зацртаните цели што носат напредок“, додаде Заев.
Тој потсети дека претстои важен период, особено во надминувањето на последиците од корона-кризата и ставање конечен крај на пандемијата, а со тоа и раст на македонската економија. Како и досега, СДСМ и во овие процеси ќе покаже одговорност, државотворност, храброст и посветеност, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

