Македонија
(Видео) Заев: Охридскиот рамковен договор влегува во преамбулата, а дел од АСНОМ излегува
По двете средби на независната парламентарна група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со премиерот Зоран Заев, Владата соопшти дека барањата ќе бидат вметнати во нацрт-амандмани што произлегуваат од договорот во Преспа. Заев на прес-конференција се осврна на измените. Тој посочи дека Охридскиот рамковен договор ќе биде дел од преамбулата на Уставот, а пак, дел од АСНОМ се брише.
„Охридскиот рамковен договор е целосно вграден. Пратениците на Алијанса на Албанците и БЕСА го имаат своето право и имам целосно разбирање. Нивните барања се суштествени измени. Сфативме дека е легитимно право и не значи дека треба веднаш да биде затворено прашањето. Јас можам да дадам позитивен однос на ова“, рече Заев во однос на барањата на БЕСА и Алијанса на Албанците за внесување на амандманите за зајакнување на идентитетот. Заев пред неколку дена, говорејќи на оваа тема изјави дека нема да дозволи отворање на пандорината кутија.
Во делот на АСНОМ, како што посочи премиерот, останува прогласот, а се менува одлуката бидејќи содржи ‘Македонци од Бугарија и Грција обединете се’.
Говорејќи за нацрт-амандманите, Заев рече дека првиот дел се однесува на потврдата на македонскиот идентитет, а членот 7 го гарантира македонскиот јазик. Вториот дел е за стапувањето во сила, а тоа ќе биде откако Грција ќе го ратификува договорот и ќе го поддржи членството на Македонија во во НАТО. Третиот е за менување на името, а тоа ќе биде сукцесивно, односно, ќе го почитува рокот за граѓаните да не мора веднаш да менуваат документи, односно да вадат кога ќе им истечат постоечките.
„Зборот Македонија се менува со Северна Македонија, односно, тоа не се прави само во еден член каде се зборува за историјата на државата. Републиката ќе се грижи за сите иселеници, исто и тоа е дел од од амандманите. Со секој амандман оди и одлука. Составен ден од Уставот е Уставниот закон. Во тој закон ќе биде дел од договорот и барањата на независните пратеници“, рече Заев објаснуваќи ги измените.
Премиерот изјави дека е он-лајн со Грција, со која постојано се консултира, што не е обврзувачки, туку е пријателски и тие имале разбирање. Според Заев амандманите се едноставни и јасни и истите заслужуваат поддршка од сите пратеници, па се надева дека кога ќе ги испратат ќе успејат да ги уверат пратениците како Панчо Минов дека процесот треба да биде поддржан. Заев појасни дека го споменува Минов бидејќи тој бил видлив и ги дал своите сугестии.
„Мислев дека и тој ќе гласа, но не гласаше. Постојат многу пратеници кои не се растеретени од партиски предрасуди за да го поддржат процесот“, рече Заев.
Договорот е „фер инаф”, не може подобар, изјави премиерот, додаваќи дека пратениците ќе ја донесат одлуката слободно и во прилог на граѓаните.
„Апелирам да продолжиме со инклузивен процес”, порача Заев и додаде дека на пролет следната година, треба да се заврши протоколот со НАТО, а 2019, почеток 2020 да бидеме полноправна членка на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

