Топ
Нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија, вели Заев за предлозите на Беса за уставни измени
Нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија, вели премиерот Заев во однос на барањата на опозициската Беса за вметнување на нивните предлози за уставни амандмани, кои се однесуваат на унапредување на употребата на албанскиот јазик.
„Ги разбирам потребите на луѓето на дебата да даваат предлози, посебно креативноста на опозицијата и слично, но на крајот знам дека никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Веројатно, нема да дозволиме ширење на Пандорина кутија, тоа го знаат сите. Редот е јас тоа да го потврдам. Парламентот е конечен, тој што одлучува, ние сме само предлагачи. Но, во рамките на сите овие работи, јас секојпат стојам на располагање да градиме едно општество за сите, за коешто сите се залагаме“, вели Заев.
Премиерот е уверен дека ќе се испочитуваат роковите за измени на Уставот, тој очекува процесот да заврши до втората половина на јануари.
„Деловничките рокови се јасно определени. Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт-амандманите и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно со Деловникот, и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно-правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари“, рече Заев.
Заев повтори дека имал квалитетен работен состанок со пратениците од новата пратеничка група и дека нивните сугестии ќе бидат земени предвид и додаде дека е консултирана и грчката страна. Тој потенцира дека не очекува блокада од опозицијата за уставните измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК
Управниот суд оформи седум предмети за поднесените тужби од „Европскиот фронт“, кои се против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори.
„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот законик“, се вели во соопштението.
- Решение бр.УП1 бр.10-21/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.87/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-21/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.88/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-15/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.89/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/2 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.90/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-17/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.91/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-6 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.92/24;
- Решение бр.УП1 бр.10-19/1 од 14.05.2024 година на Државната изборна комисија на РСМ, оформен е предмет УРП.бр.93/2
Попладнево Управниот суд одржа јавна седница по тужбата на „Вреди“. Судот одлучи дека постапката се прекинува откако претставникот на коалицијата изјави дека тужбата ја повлекува во целост.
Македонија
Демири не кажа дали договорците од Токсикологија се стручни: „Тоа прашање требаше да го поставите лани“
Министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
„Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го прекратам договорот на тој? Ние имаме 1.390 здравствени работници кои работат по договор на дело, што би се случило кога би се прекинале таквите договори? Јас бев и менаџер на тетовската болница, сте слушнале дека сум прекратил некаков договор?“, рече министерот, додавајќи дека ќе се ангажира овие луѓе да бидат приоритет при вработување на конкурсот што веќе ќе почне по изборите, а средствата биле обезбедени.
Додаде дека го замолил директорот, Данил Петровски, пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, а ако го разрешел пред изборите, како што рече, тогаш ќе било сфатено како политичка кампања. Петровски, според зборовите на Демири, е разрешен поради неправилности во работата.
За организациската директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје, Бесија Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.
Пред речиси еден месец на прес-конференција доктори од Клиниката за токсикологија објавија дека економската директорка Бесија Илјази не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина, на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование. Вработените тврдат дека Илјази, спротивно на решението на ДСЗИ, кое изречно забранува присуство на невработени лица на Клиниката, ги поттикнува да доаѓаат на работа сите оние на кои им е истечен договорот.
Едното од овие лица со истечени договори, како што беше кажано тогаш, работело како болничар, а од лаборант на Клиниката барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази лекарите не знаат ништо, а со неа немаат комуникација.
Македонија
Разговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за составот на новата Влада ќе продолжат и во наредниот период
Денес се одржа работна средба помеѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди во просториите на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека на средбата било истакнато дека потребно е да се задржат програмските определби кои добија поддршка од граѓаните.
„При таквото раководење на идниот владин состав да се запазат договорените принципи на делување, силно динамизирање на ЕУ интеграции, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Било договорено дека разговорите во позитивен дух ќе продолжат и во наредниот период.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека во моментот ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник, но продолжуваат разговорите со потенцијалните идни коалициони партнери како што е коалицијата Вреди.