Македонија
Заев: Постои шанса законот за Jавно обвинителство да се донесе до 11 февруари
Должни сме кон државата Законот за Јавно обвинителство да се најде пред пратениците пред распуштањето на Собранието, изјави денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарски прашања, додавајќи дека се надева оти Владата следната недела ќе го испрати до Собранието предлог-законот и ќе се одржи и јавна расправа.
Заев изрази уверување дека е можно да се најде решение и да се постигне неопходното мнозинство за донесување на Законот до 11 февруари.
„Дали ќе има двотретинско мнозинство или нема да имаме ќе видиме на крајот. Мислам должни сме према државата. Должни сме према државата да го ставиме на изјаснување. Дотогаш да направиме се, дај боже да има 80 пратеници и повеќе би бил најсреќен ако има консензус. Силна порака е за имплементација. Но, работиме и верувам дека можеме успешно да стигнеме со неопходното двотретинско мнозинство за овој закон. Така што, никој не може да каже ништо, ние сме само со позитивно очекување. Зошто сум позитивен јас, значи ако некој сака да најде маана ќе најде маана. Нема потреба, нема веќе СЈО, тоа е завршено, нема потреба да се бараат рачки во самиот закон заради тоа што ги нема. Се што на некој му смета, а е во духот на европската агенда немаме проблем ние тоа да го прифатиме, така што верувам дека може да се постигне решение“, истакна Заев.
Во однос на забелешките на опозицијата, тој истакна дека тие се конфузни.
„Јавните обвинители имаат право да конкурираат како сите, без некој некому да гарантира, за сите да важат подеднакви услови, тоа е нешто со кое ЕУ нема проблем и ние немам проблем. Но имаме проблем со прашањето политичари да именуваат обвинители, имаме проблем политичарите да ја одлучуваат иднината на предметите. Треба да го оставиме системот и со системски решенија да се бира државниот обвинител, обвинителот за организиран криминал и сите обвинители. Исто така, предметите сегашни, идни и минати мора да бидат осигурани. Самиот Закон предвидува осигурување на предметите, односно тие се веќе во судска процедура, и треба да имаме предвид дека за тоа треба да биде одлучувано независно, а не политичарите тајно да седнат и за тоа да одлучуваат“, истакна Заев додавајќи дека решението треба да биде кристално чисто кое ќе гарантира владеење на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.

