Македонија
Заев по средбата со Тимерманс: Силна поддршка за почеток на преговорите со ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и членовите на македонската делегација, заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ, Агнеса Руси-Поповска, во Брисел имаше средба и со извршниот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Премиерот Заев на состанокот изрази благодарност за поддршката на потпретседателот на ЕК, Тимерманс, за почеток на пристапните разговори со Северна Македонија и додаде дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.
Во срдечната и пријателска атмосфера на средбата потпретседателот на ЕК, Тимерманс, изрази честитки за лидерството и за сѐ што беше направено за напредокот и демократската и реформска трансформација на Северна Македонија во изминатите неколку години и нагласи дека останува цврсто на својата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Соговорниците на состанокот се согласиле дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија и дека и Северна Македонија ги исполни сите услови да ги почне преговорите, што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен почеток на преговорите, информираат од владините служби.
На средбата станало збор и за постковид-периодот и за поддршката на регионот и на нашата земја во фазата за социо-економско закрепнување, при што потпретседателот на ЕК, Тимерманс, како посебен успех на Северна Македонија го издвоил лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија, што претставува сериозен влог на државата во проектите што од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку економско-инвестицискиот план и ИПА-програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

