Македонија
Заев: Само со нови докази повторно отворање на случајот за крвавиот упад во Собранието
Отворање на случајот одново само доколку има нови докази и моменти. Ова е ставот на премиерот Зоран Заев за барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ одново да им се суди на осудените за крвавиот упад во Собранието пред четири години.
Заев кажа дека за тоа дали ќе има ново судење треба да одлучат судските истанци, како и дека шефот на државата Стево Пендаровски не го поддржал.
„Претседателот не го поддржа повторното судење и ве молам прашајте го, јас сум во контакт со него. Тој кажува отворено, а тоа е и мојот став, дека како и за сите други случаи, секој има право да отвори постапка на повторување на судење ако има нови докази, нови аргументи, кои ќе влијаат Судскиот совет, надлежен за таа работа, да одлучи за тоа. Ако се случуваат непринципелни работи, надвор од вредностите во коишто живее и верува огромно мнозинство од нашиот народ, тогаш системот на пеналење и казнување губи смисла. Така што, никако помилувања и амнестии во тој дел. Правото го имаат сите граѓани, вклучително и тие кои се осудени за настаните од 27 април, ако има нови моменти и докази, а така го појасни и претседателот на државата“, рече Заев.
За осудените за крвавиот упад во Собранието на 27 април ќе разговараат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот Стево Пендаровски в петок, најави на брифинг опозициската партија.
Мицкоски веќе се изјасни дека е за одново отворање на случајот и одново судење за обвинетите. Тој објасни дека казните за осудените се драконски и дека тие не се терористи, иако им се судело за такво дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше воведно обраќање на Инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администратори на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, а на истиот свое учество имаат и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцираше дека:
„Географијата нé прави соседи. Историјата нé прави пријатели. Економијата нé прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нé направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската унија. Во Европската Унија – регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме „за“ регионална соработка, но заради различни причини.“
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 9.10 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.