Македонија
Заев-Теохаропулос: Договорот од Преспа е историски чекор и иднината ќе покаже дека е корисен за граѓаните на двете земји
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Танасис Теохаропулос, претседател на политичката партија ДИМАР и пратеник во грчкиот парламент.
На средбата премиерот Заев ја истакна нивната храбра одлука како партија да го поддржат договорот од Преспа, со што, како што истакна премиерот, се преземаа конкретни чекори за реализирање на историските достигнувања за двете земји.
„Oтвораме ново поглавје на пријателство, поблиска соработка и стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, што ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните на обете земји“, рече премиерот Заев додавајќи дека договорот од Преспа придонесува кон регионална стабилност и соработка и е добар модел за целиот Балкански Полуостров.
Лидерот на Демократската левица, Теохаропулос, кој во грчкиот парламент гласаше за ратификација на договорот од Преспа и беше избришан од Движењето на промена, коалицијата на ПАСОК и Демократска левица поради различниот став од мнозинството пратеници на коалицијата, на премиерот Заев му упати честитки за исправната одлука во врска со договорот од Преспа, која, како што истакна, е еден вид победа над национализмот.
Беше истакнато дека Северна Македонија ја има целосната поддршка за приемот во НАТО и беше понудена соработка за што побрзо исполнување на условите за почеток на преговорите со Европската Унија.
На средбата соговорниците изразија одлучност за унапредување на меѓусебната доверба, разбирање и поддршка во иднина и развивање и зајакнување на веќе поставената економска и трговска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

