Македонија
Заев-Јоурова: Северна Македонија се движи во вистинска насока и ќе продолжи активната соработка со ЕК
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова, придружувана од амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.
На средбата констатирано е дека договорот од Преспа е редок, позитивен пример на градење пријателства, наспроти сè уште постоечките политики на радикализам и национализам и дека тоа го вреднува и новиот состав на Европската комисија. Пораката е дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока и дека ќе продолжи активната соработка со ЕК.
На средбата беше посебно посветено внимание на владеењето на правото и правната држава. Оценето е дека нашата држава покажа добри резултати во борбата против корупцијата. Заеднички е заклучено дека е потребна трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно европските стандарди и вредности.
„Покажавме неселективна борба против криминалот и корупцијата. Донесовме легислатива за судството со консензус и според европските стандарди. Но, потребна е поефикасна имплементација на законите, што ќе се обезбеди низ можностите за конкурентност, што сега не е случај, поради недоволниот број на судии и јавни обвинители“, рече премиерот Заев.
На состанокот е потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам. Премиерот Заев рече дека реформите, меѓу кои и во правосудството, се значајни не само поради европските интеграции, туку и поради економијата, којашто во нашата држава бележи раст.
„Економските параметри растат. Продолжуваме со реформите. Продолжуваме со пријателствата. Ни треба охрабрување на проевропските сили во општеството. За Република Северна Македонија е во ред сè што значи отворени перспективи за евроинтеграциите“, рече премиерот Заев, посочувајќи дека тоа ќе има позитивен импакт и во регионот и во одлуките на граѓаните, посебно на младите луѓе, да ја гледаат својата иднина во родната земја.
На средбата се разговараше и за работата на новата Европска комисија, од каде што има најави за фокус кон позитивна агенда, кон актуелни прашања како што се климатските промени, дигиталната трансформација, стратегија за проблемот со миграцијата, повеќе кон превентива, отколку кон реактивни политики. Договорена е активна соработка со еврокомесарката Јоурова во делот на владеењето на правото, заштитата на демократијата и изборите, што е нејзина област, посебно што таа во ЕК ќе биде надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, што е од голема важност и за граѓаните на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

