Македонија
Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, поднесе оставка
Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, денеска, на прес-конференција, соопшти дека се повлекува од функцијата. Неговата одлука за повлекување следува по објавувањето видеоснимка, на која се гледа како тој зема пари на рака од пациент од Албанија.
Тој вели дека наседнал на стапица, дека се работело за пари, кои секој странски пациент треба да ги плати за интервенција.
„Секој граѓанин од Република Албанија кому сум му служел јасно знае дека ова е стапица, намерна со цел да ѝ се наштети на мојата лична, професионална и фамилијарна фигура. Нема да дозволам овие 23 години инвестиција во мојот професионален и фамилијарен кредибилитет да биде нарушена на ваква намерна стапица, бомбастички со лажни наслови, кои не се реални, како што може да се види во снимката“, порача Муса.
Тој нагласи дека и натаму ќе продолжи да им служи на граѓаните од земјата и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Во Студеничани го поддржуваме независниот кандидат Азем Садику
Коалицијата ВЛЕН најавува дека во вториот круг од локалните избори ќе го поддржи независниот кандидат за градоначалник на Општина Студеничани, Азем Садику.
„Оваа одлука е донесена врз основа на волјата на граѓаните Албанци, јасно изразена на 19 октомври, кога со еден глас рекоа „ДУИ не“ во повеќето албански општини“, велат од „Влен“.
Заедно со граѓаните и кандидатите кои искрено го претставуваат јавниот интерес, се додава во соопштението, ќе ја унапредиме промената што започна на 19 октомври во албанските општини.
Во вториот изборен круг ќе се соочат Ејуп Абази од ДУИ кој освои 2.597 гласа и независниот Азем Садики, кој освои 3.156 гласа. Кандидатот на Влен, Седат Бислими не обезбеди гласови за учество во вториот круг.
Македонија
На гласачките ливчиња ќе останат имињата на кандидатите од Могила и Македонски Брод кои се повлекоа пред вториот круг
Независните кандидати од Могила и Македонски Брод, Сашо Пивковски и Милосим Војнески се повлекоа од изборната трка, но нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња во вториот изборен круг на 2 ноември.
ДИК појаснува дека законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи, што нема да го сопре гласањето.
Пивковски вчера ја образложи одлуката на социјалните мрежи, кадешто напиша дека ја донел по внимателно размислување и бројни разговори во интерес на заедништвото, наместо поделбите.
„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член, секогаш сум се водел од идејата за чест, за работа и за почит кон луѓето. Така било и ќе остане“, напиша тој.
Од лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ, како негова матична партија, еден ден претходно и Војнески се откажа од кандидатирата во Македонски Брод.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.
Пивковски во вториот круг требаше да се соочи со Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу нив во првиот круг од локалните избори беше 409 гласа во корист на Саботковски. Во Македонски брод, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески водеше за 834 гласа пред независниот Војнески кој ја напушти изборната трка.
Македонија
Ивановска не повика за кого да се гласа во вториот круг во Центар: „Секој гласач има здрав разум и одговорност“
Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која ја заврши трката во првиот изборен круг третопласирана, со освоени 4.465 гласа, не ги упати нејзините поддржувачи кого да поддржат во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас.
„Кој и да победи, важно е да носи одлуки во полза на сите и да го заштитува јавниот интерес и правото на здрава животна средина,“ рече Ивановска на прес-конференција со советниците од платформата „Независни заедно“.
Таа истакна дека охрабрува фактот што во Центар постои критична маса граѓани кои не размислуваат партиски, туку преземаат одговорност за промени. Ивановска побара ревизија на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба преку мапа што доброволно ја изработила граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Рече и дека нивните советници ќе делуваат конструктивно и ќе соработуваат на сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки.
Носителката на советничката листа на Град Скопје од „Независни заедно“, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи да собира потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.
На локалните избори за Центар на 2 ноември ќе се соочат актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски кој освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој првиот изборен круг го заврши со 5.707 гласови.

