Македонија
Запленети 30 илјади евра на граничниот премин Богородица

Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречиле обид за нелегално внесување 30 илјади евра во државата од страна на двајца странски државјани.
„На 26 јули 2024 година, на граничниот премин Богородица, во вечерните часови за влез во државата се пријавило патничко мотороно возило со странски регистарски таблички, во кое патувале двајца странски државјани. На прашање на царинскиот службеник дали имаат да пријават нешто за царинска контрола одговориле дека немаат ништо за пријавување и дека одат во казино во Гвегелија. Но, при контрола на возилото, во патна торба на задното седиште, покрај личните работи на патниците пронајдени биле непријавени 50 илјади евра за кои немале никаков документ за потекло“, соопштија денеска од Царинската управа.
Во согласност со Законот за девизното работење, на патниците им се вратени по 10 илјади евра, износ за кој немаат обврска да го пријават, а другите 30 илјади се задржани.
За направениот прекршок Царинската управа поднела соодветна прекршочна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
„Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока, министерот Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката“, соопшти Министерството.
Во телефонскиот разговор станало збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, било потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, била нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 18 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните јужни и источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Ѓорѓиевски доби поддршка од Меџити и Бакиу

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг од изборната трка, објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и од кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, напиша Ѓоргиевски на „Фејсбук“.