Македонија
Почна изградбата на нова градинка во Миладиновци
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, денеска присуствуваа на почетокот на изградба на нова детска градинака во населеното место Миладиновци. Новиот објект ќе се простира на површина од 540 квадратни метри со капацитет за згрижување 90 деца, на возраст од 2 до 6 години, како и деца на возраст од 9 месеци до 2 години, односно ќе се воведат јасли за најмладите.
„Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50 отсто за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита и нема да запреме сè додека не постигнеме опфат на деца од 100 отсто. За в година во буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари и обезбедени се дополнителни 15 милиони евра од Светската банка за изградба на градинки“, рече Царовска.
Таа истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите, се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот што се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени 21 отсто, што е најголемо покачување досега. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 30 милиони денари, од кои 24 милиони денари се обезбедени од буџетот на Општина Илинден, а 6 милиони денари се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика.
Новата детска градинка е лоцирана веднаш до Централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ и новоизградената амбуланта во населено место Миладиновци, со што ќе се создадат услови за згрижување на најмладите од околните населени места, каде што вкупно живеат приближно 4.000 жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

