Македонија
Започна исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории на граѓани
Министерството за труд и социјална политика известува дека во тек е исплатата на паричната помош согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза.
Поддршката се однесува на: корисниците на правото на социјална сигурност на стари лица, корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надоместок заради попреченост, корисниците на надоместокот за попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош. Овие граѓани добиваат финансиската поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.
Денеска се исплаќа и финансиската поддршка за невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, согласно Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Финансиската поддршка за овие корисници изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци и го исплаќа Агенцијата за вработување на Северна Македонија.
Преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се исплаќа финансиска поддршка за корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари и тоа за корисници со пензија до 11.525 денари месечно, 1.500 денари месечно, за период од четири месеци, и од 11.526 денари до 14.000 денари месечно, изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци.
За корисниците на правото на надоместок за телесно оштетување 750 денари месечно за четири месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.