Македонија
Историските факти не можат да ги нарушат македонско-бугарските односи, вели Пендаровски откако побара Софија да се извини за Евреите
Претседателот Стево Пендаровски смета дека неговото барање за извинување од Софија за депортацијата на македонските Евреи нема да ги наруши односите помеѓу двете земји. Тој не го менува ставот и покрај остроите критики од бугарските националисти.
„Кажувањето на потврдени историски факти не може на ниту еден начин да ги нарушат македонско-бугарските односи. И гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот“, велат од неговиот Кабинет за „Макфакс“.
Претседателот не сака да ги коментира искажаните ставови на европратеникот Ангел Џамбаски и претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов.
„Претседателот не коментира ставови на добро познати провокатори и националисти“, додаваат од Кабинетот.
За време на комеморацијата вчера, Пендаровски изјави дека за да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.
„Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“, рече Пендаровски.
Изјавата предизвика голем број реакции во Софија, а меѓу нив и онаа на копретседателот на заедничката историска комисија, Ангел Димитров кој рече дека да се префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија е несериозно.
Џамбаски пак, порача дека Пендаровски со барањето демонстрирал скандалозна антибугарска дрскост, а Бугарите се единствениот народ во Европа кој му се спротивставил на диктаторот, Адолф Хитлер.
Реагираше и Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“ кој пак, рече дека Пендаровски ќе одговарал за својот неонацизам.
Од друга страна, поддршка стигна од Михаил Иванов, бугарски професор и поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Желев, кој на социјалните мрежи објави дека се приклучува кон повикот на Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.