Македонија
Почнува заштитата од град со авионско засејување на облаците
Управата за хидрометеоролошки работи го потпиша договорот за јавниот оглас „Услуги за модификација на време со авионско засејување“, со што почнува и реализацијата на заштитата од временски непогоди (град) со авионско засејување на облаците.
Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски, на спортскиот аеродром „Стенковец“ присуствуваа на првиот пробен лет на авионите што ќе вршат засејување на облаците.
„Со овој модерен систем на заштита од град ќе придонесеме да не се повторуваат штетите на земјоделското производство предизвикани од временски непогоди и ќе го заштитиме трудот на земјоделците. Овој начин на заштита е еден од најсовремените, неколкукратно поекономичен од старите ракетни системи, најмногу поради фактот што преку авионското засејување растворот, кој дејствува превентивно на формирање град се нанесува директно на критичната облачна маса“, изјави министерот Димковски.
Вредноста на проектот за авионско засејување на облаците е околу 60 милиони денари, кои се обезбедени преку Програмата за рурален развој. Директорот на УХМР, Тодоровски, посочи дека оваа метода вклучува засејување на градонoсните облаци со реагенси, односно со сребрен јодид.
„Кога редарските центри на УХМР ќе ја детектираат нестабилната воздушна маса во која се создава градот, јавуваат до економскиот оператор и тој треба во најбрзо време и на најквалитетен начин да изврши засејување на воздушните маси со сребрен јодид“, изјави директорот Ивица Тодоровски.
Засејувањето на облакoт е засновано на концептот корисна конкуренција, што значи дека зрната град што се формираат во рамките на засејаниот облачен волумен ќе бидат со помали димензии.
Авионското засејување на облаците за заштита од град ќе се спроведува на целата територија на нашата држава. Со овој модерен систем на заштита од град ќе се придонесе за заштита на земјоделското производство од временски непогоди и намалување на сумата што изминатите години се издвојува за исплата на обесштетувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

