Македонија
Засилени мерки пред празниците, Тошковски најави казни за употребата на пиротехнички средства
Министерството за внатрешни работи интензивира активности за подобрување на јавната безбедност пред новогодишните празници. Превентивните мерки вклучуваат намалување на користењето пиротехнички средства, засилено присуство во трговските центри и други места со зголемена фреквенција на луѓе, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тошковски, кој го посети пунктот на полицијата пред Сити мол, информираше дека минатата недела во Скопје биле запленети меѓу 30.000 и 40.000 пиротехнички средства. Спроведени се слични акции и во Валандово, Свети Николе и други градови, при што се поднесени соодветни пријави.
„Нашите активности се насочени кон спречување на користењето пиротехника, но и кон откривање каков било криминалитет, од имотни деликти до разбојништва. Полицијата комуницира со граѓаните и ги следи состојбите на терен“, изјави министерот.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска информираше за инциденти во населбата Капиштец, каде што малолетници палеле петарди. Во врска со ова, Тошковски нагласи дека вакви случаи се забележани и претходно.
„Регистрирани се три вакви настани во последниот период, а во најголем дел од нив учествуваат малолетници. Преземаме соодветни постапки против одговорните, но и повикуваме на внимание од страна на родителите. Ќе продолжиме со превентивни активности, но ќе бидеме подготвени и за репресивни мерки ако е потребно“, порача Тошковски.
Министерството ги повикува граѓаните на соработка и свесност за да се избегнат несакани последици од користење пиротехника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Синот на газдата на „Пулс“ поднел тужба против осум лица за кршење на кафулето „Класик“ – системот е изопачен
Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов – Деко, газдата на дискотеката „Пулс“ во Кочани поднел приватна кривична тужба против осум лица и други непознати лица од Кочани за оштетување на туѓи предмети, велат од Левица утрово преку соопштение.
Во тужбата, како што се наведува, станува збор за оштетувањата на кафе барот „Класик“, исто така сопственост на Јованов, што настанаа на протестите на 17 март лани, еден ден по трагичниот настан со пожарот во дискошталата „Пулс“ во која животот го загубија 62 лица, а повеќе од двеста се со тешки повреди и до ден денес се лекуваат.
„Фактот дека синот на газда Деко поднел приватна кривична тужба против осум лица и непознати сторители за оштетување на имот, која сама по себе повлекува и обештетување доколку се утврди вина, претставува врв на безобразието и цинизмот во оваа трагедија.
Да потсетиме, Левица на лидерската средба минатата недела побара државата да ги обештети семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“, но државата експресно се прогласи за ненадлежна со образложение дека трагедијата се случила во приватен објект. Во истата таа држава, денес газдата на истиот објект што изгоре, кој е осомничен и против кого се води кривична постапка, бара кривичен прогон на млади луѓе и сопствено обештетување за настани кои се директна последица на неговото криминално и неодговорно работење, потпомогнато од системот на државата која е ненадлежна да ги обештети жртвите од пожарот затоа што бил на приватен имот.
Ова е слика на изопачен систем во кој жртвите се оставени без правда и поддршка, а осомничените добиваат простор да ги тужат граѓаните, па дури и деца, за да наплатат штета. И, не е случајно што сето ова се случува токму сега, кога победи партијата која со години го толерираше безредието, криминалот и клиентелизмот. Таа победа очигледно беше „ветер во грб“ за криминалните структури да се чувствуваат недопирливи и охрабрени да удираат по народот кој бара правда.
Порачуваме дека нема да дозволиме трагедијата во Кочани да се претвори во фарса каде виновните ќе се прикажуваат како жртви, а жртвите како виновници. Одговорност мора да има и кривична, и институционална и политичка. Секој обид за заплашување на граѓаните и лицата кои протестираа и протестираат ќе го сметаме како директен напад врз правото на правда и достоинство.
Правдата за Кочани не смее и нема да се задуши со уцени, закани, тужби и молк“, се вели во соопштението на политичката партија.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

