Македонија
Затвореникот не пукал во полицаецот кој возел, куршумот случајно се одбил од кровот на возилото
Затвореникот Беким Мемети не пукал во полицаецот кој го управувал комбето, туку куршумот се одбил од кровот на возилото и го погодил во стомакот. Ова го покажале резултатите од увидот на увидната екипа од МВР. Оттаму поднесоа кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал и корпција, а обвинителката Лиле Стефанова, ја процесуираше, отвори постапка и побара притвори кои и беа одобрени.
„Иако намерата за пукањето со пиштолот во кровот на возилото била да го оправда овозможувањето на бегството од страна на затворските полицајци, зрното од куршумот се одбило од кровот и случајно го погодило затворскиот полицаец И.Х. во долниот дел од стомакот. Наведените противзаконски дејствија се извршени откако службеното затворско возило било пресретнато и му било попречено движењето од страна на друго возило марка „ауди“ и притоа овластените службени лица за спровод – затворските полицајци не преземале никакви дејствија во однос на присилното нивно запирање, а осуденото лице по настанот влегло во возилото „ауди“ и заминало од лице местото. Од страна на затворските полицајци, иако дел од нив биле вооружени, не се преземени никакви дејствија за спречување на бегството“, велат од МВР по увидот.
Кривичната пријава од МВР е против пет лица, а за делото противзакониот ослободување на лице лишено од слобода за кое е предвидена казна затвор од три до пет години.
„Имено, на 12.01.2023 околу 22.50 часот осудениот Б.М., планирано и во договор со затворските полицајци и лица од надвор, се повредил така што си нанел расокотина на левата дланка, по што бил однесен во домската амбуланта, од каде било дадено препорака Б.М. да се пренесе во Клинички центар „Мајка Тереза“-Ургентен центар со цел санирање на повредата. За настанот бил запознат дежурниот командир на смена, првопријавениот С.Д., кој наредил да се изготви наредба за спровод од КПУ Идризово до Клинички центар „Мајка Тереза“ за осуденото лице од страна на затворските полицајци Т.А., И.А., и Т.П. и И.Х.“, велат од МВР.
Тие тврдат дека свесно и со намера е пуштен во бегство затвореникот Мемети.
„Кривичното дело е извршено на начин што осомничените свесно и со намера да му овозможат бегство на осуденото лице кое го спроведувале, го седнале во средниот ред на службеното возило, а не според стандардните оперативни процедури за спровод на осудени лица во посебниот дел од возилото наменет за тоа. Потоа, еден од затворските полицајци воопшто не носел службено оружје иако морал да носи, а иако на осуденикот му било ограничено движењето на рацете со средства за врзување, сепак му било овозможено да пристапи до службениот пиштол на еден од затворските полицајци, со кој испукал еден куршум“, додаваат оттаму
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

