Македонија
Зафиров: Кога го обезбедував Груевски добивав илјадници честитки, сега едвај педесетина

Светскиот вицешампион во бодибилдинг, Тоше Зафиров, кој беше и дел од тимот за обезбедување на експремиерот Никола Груевски смета дека за разлика од порано, сега добива искрени честитки за Нова година. Според Зафиров, додека тој го обезбедувал Груевски добивал по илјадници честитки, а сега, кога сите го заборавиле поранешниот премиер, добива едвај 50 пораки.
„Си беше еднаш едно време кога бев обезбедување кај едно човече (Никола Груевски) и тогаш за Нова година добивав околу 1.000 пораки со честитки. Потоа не бев веќе кај човечето, и бројката се намали на 300-350. По некое време, кого го заборавивме човечето таа се намали накај педесеттина, но барем си знам, малку се, но сепак искрени пријатели се. Ете, таква е оваа приказна. Среќна нова 2019 година“, напиша Зафиров на социјалните мрежи.
Откако Зафиров се повлече од МВР, тој активно се занимава со бодибилдингот. Минатата година, тој ја претставуваше Македонија на повеќе натпревари, а последно беше во Италија каде освои шесто место. Пред две години, Зафиров ја објави својата книга „Патот кон врвот“, во која пишува за неговиот прифатен и професионален живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Ѓорче Петров објави повик за субвенции за велосипед

Општина Ѓорче Петров денеска го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување нов велосипед.
Вредноста на субвенцијата изнесува 50% од вкупната цена на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, вклучително и данок на личен доход – информираат од Општината.
„Право на користење на средствата имаат жителите на Општина Ѓорче Петров кои ќе купат нов велосипед на територијата на Република Македонија во периодот од 01.01.2025 година до 30.06.2025 година или до исцрпување на предвидените средства“, појаснуваат од Општината.
Јавниот повик ќе трае до 30 јуни 2025 година, односно до исцрпување на буџетот предвиден за оваа намена во висина од 500.000 денари.
Пристигнатите барања ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, според датумот и времето на поднесување. Аплицирањето се врши во архивата на Општината, секој работен ден од 08:30 до 15:00 часот, во затворен плик со потребната документација.
„Со оваа мерка продолжуваме да ги поддржуваме здравите и еколошки навики на нашите сограѓани. Грижата за животната средина и поттикнувањето на физичка активност се важен дел од локалните политики“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Формуларите и целосниот јавен повик се достапни на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче да каже која е неговата улога во тендерите со јаглен, па затоа добил ауди Q8

Венко Филипче да каже што друго освен луксузното Ауди Q8 има како профит од тендерите со јаглен во ЕСМ од фирмите на Вице Заев и Енис Колашинац, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче да каже која е неговата улога во тендерите со јаглен, па е награден со луксузно ауди? Венко Филипче и СДС не можат да молчат особено што фирмата на Вице Заев во Бугарија, Гомасидра, која инкасирала 9 милиони евра од јагленот, се наоѓа на иста адреса како и неговата фирма „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd). Венко Филипче и Вице Заев делат ист канцелариски простор, на нивните фирми во Бугарија, на иста адреса се наоѓаат и редица фирми на Заев“, рече тој.
Очигледно е, додаде Петрушевски, дека фирмите на Заеви и Филипче во Бугарија се испреплетени, а парите помеѓу нив се во ист двор.
„Очекуваме јавното обвинителство да реагира и отвори случај за Венко Филипче, а за тоа има пред сè две многу силни причини: прво, фирмата добитник на државен тендер за испорака на јаглен, му купила луксузен џип ауди Q8 од 130 илјади евра. И под два, милиони од тој тендер завршиле на сметка на фирма на Вице Заев во Бугарија со иста канцеларија со фирмата на Венко Филипче“, рече Петрушевски.
Македонија
Спасувачка акција на Јабланица: повредена планинарка заглавена на непристапен терен

Хеликоптер од МВР се упати на Јабланица каде на непристапен терен има повредена жена од Струга.
Од Црвен крст Охрид известија дека утрово добиле аларм за интервенција на планината Јабланица, каде женска особа од Струга, се здобила со сериозна повреда на скочен зглоб.
„Поради комплексноста на теренот и далечината од најблискиот пристапен пат, ПСС се обрати до ЦУК со барање за воздухопловна асистенција. Во меѓувреме, еден тим од шест спасувачи со теренско возило се упати кон планината со цел пешки да пристапи во случај да нема можност за интервенција со хеликоптер“, велат од Црвениот крст.
За среќа, додаваат од таму, пред 30 мин беше беше полетан хеликотер на МВР, кој во содејство со припадници на Специјалната Антитерористичка Единица се на пат до местото на настанот, а тимот на ПСС се повлекува од терен.