Македонија
Зајкова: Конечно место гол популизам и национализам, зборуваме за идеи и поддршка на квалитетни луѓе кои развиваат бизниси
Европски би изгледало општеството кога наместо гол популизам, секојдневна политика и национализам, би се разговарало за квалитетни луѓе кои креираат бизниси. Затоа разговараме за овозможување на услови кои ќе значат развој на младинското претприемништво и стартапите кои можат да придонесат до отворање на нови работни места, развој на економијата, креирање на иновации, истакна пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова на презентацијата на 10те инвестиции поддржани од акселераторот УКИМ.
– Поддршката за стартапи во стратешки сектори за државата е клуч за обезбедување на финансиска стабилност и професионален раст за младите лица, а токму тоа претставува и една од стратешките цели определена во Националната стратегија за млади. Посветени сме на обезбедување на потребните ресурси, поддршката, законските можности и правната сигурност за надминување на предизвиците со кои се соочуваат стартапите. Само на овој начин преку соработка меѓу државните институции, академската заедница и приватниот сектор можеме да ја трансформираме нашата економија и да создаваме повеќе нови можности за сите, рече Зајкова.
Таа додаде дека е направена сеопфатна стратегија која вклучува посветени програми и иницијативи, пристап до финансирање и ресурси за поттикнување на соработката помеѓу Владата, академската заедница и приватниот сектор и промовирање на различноста и инклузијата, како и на создавање поволна регулаторна средина која ги поттикнува иновациите и претприемништвото.
Од 2021 година, во Македонија работат над 350 стартапи, а стартап сцената на Балканот рапидно расте и се развива. Сепак, стартапите во регионот сè уште се соочуваат со многу предизвици, вклучувајќи пристап до финансиска одржливост.
Стартапите се клучни двигатели на вработувањето, конкурентноста и економскиот раст и создавање средина за поддршка која ќе ги овласти младите иноватори и претприемачи да успеат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачки: Ветуваме изградба на експресниот пат Кочани-Виница- Делчево, реконструкција на пругата Кочани – Велес, катна гаража и старечки дом
„Денеска во пресрет на големиот христијански празник сме во посета на Кочани. За Кочани предвидуваме изградба на експресниот пат до Делчево, и тоа во два мандати. Потоа, реконструкција на пругата Кочани – Велес, третман на атмосферските и фекални отпадни води на Пониква и секако 17 милиони евра за нашиот град Кочани за изградба на Јужниот Булевар, за изградба на катна гаража и изградба на старечки дом“, кажа Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
„Пред нас се историски избори на 8 мај ве повикувам сите да ни се придружите и заеднички да ги донесеме промените. Да донесеме промена за Македонија, да заокружиме за бројот 2 за Гордана Силјановска Давкова за претседател и за Христијан Мицкоски да биде премиер на владата на Република Македонија“, изјави Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје в сабота
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“ на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосница со улицата „Прохор Пчински“.
Министерството за внатрешни работи, исто така, ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
На 04.05.2024 во периодот од 18.00 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници. Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвора ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти. Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
Македонија
Македонија најдобро рангирана меѓу државите од регионот според Индексот за слобода на медиумите
Репортери без граници денеска го објавија својот годишен извештај за слободата на медиумите во светот, според кој Македонија се наоѓа на 36 место, што е за две места подобор од 38 место претходната година.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Репортери без граници ја издвојува Аргентина под новиот претседател Хавиер Милеи, која падна за 26 места, од 40 на 66 место и пишува за „спектакуларната мимикрија на руските репресивни методи“ низ Источна Европа и Централна Азија, вклучително и во Србија, каде што „провладините медиуми емитуваа Руска пропаганда, а властите им се закануваат на руските новинари во егзил“.
Индексот на слободата на медиумите и натаму го предводи Норвешка, потоа Данска и Шведска, а најлоша е ситуацијата во Еритреја, која го презеде дното на листата од Северна Кореја. Меѓу најлошите десет се и Кина, Иран, Авганистан и Сирија, пишува агенцијата Франс прес.
И Босна и Херцеговина падна многу на овогодинешната листа и сега е на 81 место, Србија е уште полошо, на 98 место, Црна Гора е на 40, Хрватска на 48 место, а Словенија на 42. Од земјите на ЕУ, послаб индекс на слободата на медиумите имаат Романија, Бугарија, Кипар и Грција, која според овој критериум е на 88-то место, најлошо во Унијата.
Албанија е на 99 место, а Косово на 75, според извештајот.