Македонија
За Ахмeти најважен е консензусот за датум, Касами смета дека граѓаните треба психички да се подготват
За лидерот на ДУИ, Али Ахмети, важно е да се има консензус од сите политички партии за одредување на датумот за претстојните избори, а пак, лидерот на Беса, Билал Касами, по средбата кажа дека нивниот предлог е избори во јуни.
Ахемти посочи дека здравјето на граѓаните е пред се, но и дека ДУИ е свесна дека државата е без Собрание. Запрашан дали сега ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата, но и оправдувањето на одлуката на Талат Џафери да не го свика Собранието, Ахмети го поддржа својот сопартиец.
„Важно е да се има консензус за овие прашања, но здравјето на граѓаните е пред се. Изборите се пред се, но треба да се има консензус за тој датум и да се имаат во превид мерките од здравствените институции. Претседателот на Собранието го почитува Уставот и е во комуникација со правните експерти. Ова беше важна средба, се разгледаа документи од институциите кои се одговори за ситуацијата. Имаше дебата од сите политички партии, бидејќи изразивме став дека сите сме загрижени за ситуацијата и тоа треба внимателно да се следи. Здравјето на граѓаните, за нас е пред се. За ситуацијата, треба да бидеме во целосна комуникација со здравствените институции, за да имаме консензус за датумот на изборите. Ние сме свесни дека земјата е без Собрание, дека земјата е со техничка влада, но оваа ситуација е предизвикана од пандемијата и еден многу опасен вирус. Многу е важно оваа ситуација да не се политизира или партизира за политички цели“, рече Ахмети.
Претседателот на Беса, Билал Касами, повтори дека немало усогласување на датумот за изборите на лидерската средба. Тој кажа дека институциите треба да ја тргнат забраната за движење, но и психички да ги спремаат граѓаните за избори. Касами посочи дека предлогот на Беса е избори во јуни.
„Ситуацијата со коронавирусот, според здравствени експерти, ќе продолжи и понатаму до откривањето на вакцината и ние треба да се усогласиме за еден датум за избори, кој што со завршувањето на вонредната состојба, треба да се одржат. Нашиот предлог како Беса е изборите да бидат во рамките на Уставот и законот, за понатаму, Владата која ќе произлезе од овие избори, подобро да се соочи со здравствената и економската ситуација. Ние со политичка одлука ги одложивме изборите, сега, течат претходните рокови бидејќи не се усогласивме за нови избори, па останува Владата и претседателот да одлучат до кога ќе продолжи вонредната состојба, а по нејзиното завршување, да се определи и датумот на изборите. Апелираме институциите да ги подготват граѓаните за претстојните избори, нашиот предлог како Беса беше јуни, а за тоа ќе се одлучи како ќе биде прекината вонредната состојба. Институциите треба полека да ја тргнат забраната за движење од 7 попладне до 5 наутро, да се почитува социјалната дистанца, граѓаните психички да се спремаат за избори“, рече Касами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

