Македонија
За 10,56 отсто намален одѕивот до 13 часот во споредба со изборите во 2016 година
Одѕивот до 13 часот на предвремените парламентарни избори е за 10,56 отсто помал во споредба со парламентарните избори во 2016 година. Денес до 13 часот гласале 432.026 гласачи од вкупно запишаните 1.814.613 гласачи во Избирачкиот список или 23,81 отсто.
Најголем е одѕивот во ИЕ – 3 каде до 13 часот гласале 28,92 отсто од граѓаните, а најмал во ИЕ – 6 каде што на гласање излегле 15,58 отсто од гласачите. Во ИЕ – 1 одѕивот до 13 часот е 27,09, во ИЕ – 2 одѕивот е 21,64 отсто, во ИЕ – 4 на гласање излегле 27,45 отсто од гласачите и во ИЕ – 5 до 13 часот гласале 23,11 отсто од запишаните гласачи.
Најголем одѕив до 13 часот ДИК регистрира во Крива Паланка 41,07 отсто од гласачите.
Одѕивот со 13 часот на парламентарните избори во 2016 година бил 34,37 отсто, гласале 601.230 граѓани од тогаш запишаните 1.784.416 во Избирачкиот список.
Најголем одѕив имало во ИЕ – 4 каде што до 13 часот гласале 39,20 отсто од гласачите, а најмал бил одѕивот во ИЕ – 6 каде што до 13 часот гласале 23,93 отсто од запишаните гласачи. Во ИЕ – 1 одѕивот бил 38,35 отсто, во ИЕ – 2 бил 33,62 отсто, во ИЕ – 3 гласале 38,51 отсто од гласачите и во ИЕ – 5 одѕивот со 13 часот на изборите во 2016 година бил 33,55 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.
Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност со претставници на Израел: нагласена важноста на соработката за зајакнување на националната и регионалната безбедност
Комисијата за одбрана и безбедност денеска одржа работна средба со претставник на Министерството за одбрана, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен на Државата Израел, на која се дискутираше за соработката во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.
Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, ја нагласи претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.
Пратениците, во своите излагања, ја потенцираа суштинската важност на соработката со Државата Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.

