Македонија
За 15 дена треба да се направи анализа за реалните трошоци на услугата за јавен превоз

Во Град Скопје денеска се одржа координативен состанок во врска со одлуката за зголемување на цената по километар за приватните превозници.
Од Град Скопје соопштија дека по вчерашната Седница на Советот на Град Скопје, на која не беше донесен заклучок во рамки на законските и деловнички процедури, денеска се одржал координативен состанок на кој учествувале градоначалничката и секретарот на Град Скопје, координаторите на советничките групи кои ги претставуваат политичките партии во Советот на Град Скопје, членови на Советот, претставници на стручните служби на Град Скопје и претставниците на приватните превозници.
На средбата, се посочува, е донесен заклучок според кој во рок од 15 дена треба да се изготви анализа во која согласно утврдената методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на услугата јавен превоз, од страна на експерти вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање на предвид на поднесените податоци од страна на претставниците на приватните превозници.
-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје, стои во соопштението од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од 15 август аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2025-2026 година

Министерството за образование и наука информира дека од утре, 15 август, започнува аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025-2026 година. Повикот со условите и начинот на аплицирање е објавен на следниот линк.
Рокот за пријавување за тековните и студентите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2025/2026 година е до 5.9.2025 година.
Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата. Апликантите треба да се државјани на Република Северна Македонија и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.
Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: [email protected].
Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври.
За реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со ова право, за што ќе бидат известени од страна на МОН по електронски пат, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка.
Можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе биде отворена во периодот од 1ви до 5ти секој месец од академската 2025/2026 година и тоа за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат.
Македонија
Алиу: Вработените во пералната на Клинички центар се вратија на работа, се бара решение преку преговори со приватната компанија

Во рамки на денешната посета на Клиничка болница Тетово, во одговор на новинарско прашање, министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека вработените во пералната на Клинички центар од денеска се на работното место.
„Денеска наутро имав средба со вработените во пералната. Тие веќе работат таму, се договоривме и ги информирав дека е во тек процесот со кој пред 10 дена Владата ме задолжи и како Министерство и како министер да почнам преговори со приватната компанија со која што имаме јавно приватно партнерство за да најдеме решение. Знаете дека тоа партнерство датира од 2019 година и досега немаме никаков резултат и сега треба да видиме дали е пречката во административните процеси, дали од наша страна или од страна на приватниот партнер. Како и да е, колегите веќе од денеска се на работа и ќе го чекаме исходот кој се надевам ќе биде брз“, изјави министерот.
Вработените во пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје штрајкуваа од 12 август поради неисплатени плати.
Македонија
Демократската партија на Турците го напушти „Европскиот фронт“, на локалните избори ќе настапи сама

Демократска партија на Турците на Македонија, соопшти дека на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, ќе настапи самостојно – со сопствени кандидати за советници и кандидати за градоначалници во општините каде што живее претежно популација од Турската заедница.
Одлуката била донесена по долги и темелни консултации со нивните членови, органи и сограѓани, а Централниот управен одбор и Централното собрание пресекле едногласно.
„За нас, овие избори не се обична трка за советнички места – тие се борба за достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување на турската заедница“, велат од партијата преводена од Зулфиќар Зејнула.
Во согласност со јасно изразената волја на народот, донесена е и одлука за излегување од коалицијата „Европски фронт“. Во нивното соопштение се наведува дека со овој чекор ја зацврстуваат нивната независна политичка позиција и ја потврдуваат решеноста директно да му служат на народот, без посредници и компромиси што би ја разлабавиле нивната мисија.
Листите за советници ќе ги составуваат во непосредна соработка со народот.