Македонија
За 761 оризопроизводител исплатени се 49.658.739 денари поддршка
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека денеска на 761 оризопроизводител им се исплатени 49.658.739 денари за предадена оризова арпа на регистрирани откупувачи и/или преработувачи од 1 октомври 2024 година до 28 февруари 2025 година.
Според МЗШВ, се работи за подмерката 1.1. „Директни плаќања по обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури, лековити, ароматични и зачински растенија“, а максималната количина оризова арпа прифатлива за финансиската поддршка е 8.000 килограми по пријавен хектар.
-Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање по подмерка 1.1. „Директни плаќања по обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури, лековити, ароматични и зачински растенија“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, кои имаат засеани и ожнеани површини со ориз и оствареното производство го имаат предадено на регистрирани откупувачи и/или преработувачи во период од 1 октомври 2024 година до 28 февруари 2025 година, кои се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи, наведува МЗШВ и нагласува дека останува вистински партнер на оризопроизводителите
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

