Македонија
Зелен хуман град: Труењето предизвикано од рудникот Тораница е меѓупартиска пресметка која генерира невини жртви
За труењето предизвикано од рудникот Тораница знаеме само зашто се спротивставени политичките партии на локално и на централно ниво – градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митковски кој е од СДСМ, а Државниот инспекторат за животна средина е на коалицијата на власт – Вреди и ВМРО ДПМНЕ. Вака не изгледа неселективна борба со корупција, вака изгледа меѓупартиска пресметка која продолжува да генерира невини жртви во Македонија и да се коцка со нашите животи! Со оглед дека министерот за животна средина Изет Меџити изјави дека инсистира на целосна транспарентност и одговорност, бараме веднаш да се споделат јавно Извештајот од Државниот инспекторат за животна средина од вонреден надзор извршен на 24 март 2025 година и од Извештајот од ангажираната независна лабораторија од страна на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, соопштија од невладината Зелен хуман град.
Градоначалникот на Крива Паланка побара Јавното обвинителство да постапи и да го гони сторителот според Кривичниот законик. Доколку е вистина дека според извештајот од ангажираната независна лабораторија се исполнуваат битијата на членовите 218, 219 и 233 од Кривичниот законик, одговорните лица од рудникот може да бидат казнети и со затвор од најмногу 10 години. Дури и да се бранат со небрежност – се предвидува максимална затворска казна до три години, реагираат од Зелен хуман град.
„Тројцата инспектори од ДИЖС кои го вршеле вонредниот надзор не земале примероци за анализи, тоа значи дека не си ја извршиле својата должност, односно постапиле несовесно во службата или ја злоупотребиле службената должност и положбата за да го заштитат сторителот, што се кривични дела казниви со затвор и до пет години!“, велат од Зелен хуман град.
Од невладината организација велат дека Државниот инспекторат во својата објава на фејсбук ја повторува изјавата на Булмак 2016 дека водата не е загадена, само е заматена.
„Никаде во изјавата нема информација дека ДИЖС ја прогласува водата за незагадена врз основа на извршена анализа на собрани примероци што им е обврска по Законот за инспекциски надзор. Градоначалникот на Крива Паланка ја ангажирал лабораторијата Технолаб за да изврши анализа на мостри од водата и тоа еден ден по хаваријата. Во резултатите од таа анализа е утврдено 10 пати поголемо присуство на олово од дозволеното и стотици пати поголема концентрација на цијанид, фосфор и азот. Ниту извештајот од Државниот инспекторат за животна средина, ниту анализата од Технолаб не се јавно достапни. Со актуелната поставеност на Законот за животна средина, единствено е можна привремена забрана за вршење дејност во период од најмногу 30 дена. Во 2007 година мнозинството во Собранието го избришало членот 213 од Законот за животна средина според кој забраната за вршење дејност на правното лице можела да се изрече и за период од најмногу три години!“, посочуваат од Зелен хуман град.
Оттаму појаснуваат дека со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото.
„ДИЖС во својата објава на фејсбук известува дека правното лице Булмак 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка потпишало спогодба со Државниот инспекторат за животна средина, со што според закон, му се овозможува глобата да биде намалена до половина од износот на пропишаниот минимум на глобата за прекршокот. Оттука, имајќи ги предвид и горенаведените аргументи, сторителот може да плати и мизерни 100 илјади денари за прекршокот и веднаш да продолжи да работи! Имајќи предвид дека се работи за потенцијални кривични дела, бараме Министерството за внатрешни работи по службена должност да започне истрага и да покрене соодветни постапки вклучително против актуелни функционери ако коалицијата Вреди-ВМРО-ДПМНЕ која е моментално на власт сака да почне да наликува на администрација која навистина работи во корист на граѓаните, а не за лични интереси кои нас, обичните смртници, нѐ чинат животи!“, велат од Зелен хуман град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

