Македонија
Зеќири сведочеше против Рашковски: Не бев запознаен со софтверот за определување на просечна брзина и одредување на казни
Ексгенералниот секретар во Владата Мухамед Зеќири сведочеше против неговиот претходник во оваа институција Драги Рашковски. Обвинителката Ивана Трајчева го прашуваше за системите кои ги имаше набавено Рашковски, како што е софтверот за кој вештак кажа дека не се ни вклучувал, но и за системот за биометриска идентификација кој, според Обвинителството, требало да мери работно време.
„Не бев запознаен со софтверот за определување просечна брзина и одредување казни“, кажа Зеќири, а обвинителката допраша: „Дали генералниот секретар може да изрекува казни и определува просечна брзина“ и доби одговор: „Јас како што знам, тоа не го прави Владата“.
Зеќири кажа дека кога се набавува софтвер за друга институција (МВР) тогаш треба тоа да биде побарано, потоа да се донесе одлука на Влада, па да се набави и примопредаде.
„Откако се запознавте со софтверот, дали во Генералниот секретаријат пронајдовте одлука на Владата за набавка на овој софтвер?“, праша Трајчева, а Зеќири одговори: „Јас се запознав откако се отвори случајот и од вас добивав одговори на одредени прашања. Од мојот кабинет проследуваа до службите на Владата и тоа беше проследено до вас како Обвинителството. Во одговорот пратен до вас стоеше дека не постои одлука“.
Обвинителката праша: „Дали ви е познато дека се вршени проверки во ген сек за ваков вид софтвер, пред да се набави софтверот?“, a Зеќири одговори: „Точно не се сеќавам, мислам дека не беше“, по што посочи дека софтверот не бил ставен во функција додека бил генерален секретар.
Системот за биометриска идентификација, за кој Трајчева посочи дека е набавен за мерење работно време, а ексдиректорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци кажа дека не може да се користи согласно законските одредби, Зеќири рече дека не бил поставен во Владата.
Трајчева праша: „Дали ви е познато дали Владата и ген сек може да вршат биометриска идентификација на граѓаните во Владата“, на што Зеќири одговори: „Тоа не ми е познато, вработените имаат картички со кои се куцаат кога доаѓаат и кога заминуваат“.
Обвинителството прашуваше и за металните кабини набавени од Рашковски.
„Дали ви е познато дека за овој систем (биометриска идентификација во Влада) се набавени метални кабини“, праша Трајчева, а Зеќири одговори: „За тоа бев запознаен подоцна, кога стигна од вас барање да се провери дали постои такво нешто во Владата“, а Трајчева се интересираше: „Дали ги видовте овие кабини?“, на што Зеќири одговори: „Ако не грешам имаше комисија, беше утврдено каде се наоѓаат и беа прикажани слики. Тие биле во просториите на стакларницата, прашав зошто не се во Влада, ми кажаа дека се големи и нема каде во Владата да се складираат и затоа се сместени таму“.
Откако Рашковски се повлече од функцијата, Зеќири направил и вонреден попис.
„Се утврдуваше каде се наоѓаат предметите за кои прашувате“, кажа Зеќири на прашањето зошто е правен пописот.
„Дали го најдовте системот за биометриска идентификација“, праша Трајчева, а Зеќири кажа „Не се сеќавам, стоиме зад тоа што е дадено во одговорот“.
Обвинителката праша: „Дали се сеќавате дали на седниците на кои учествувате се разговарало за софтверот за одредување просечна брзина во сообраќајот и системот за биометриска идентификација?“, а Зеќири одговори: „На седници на кои јас сум присуствувал – не“.
Надворешните соработници во Владата, за кои обвинителката тврди дека биле ангажирани со авторски договори, но не работеле и дел од парите кои ги добивале ги враќале кај Рашковски, кога Зеќири ја извршувал функцијата генерален секретар – не ги запознал.
„Добив список на увид, со луѓето кои се ангажирани како надворешни соработници. Лично не ги запознав. Само како имиња, не ги познавам“, кажа Зеќири, на што обвинителката праша: „Дали знаете за што биле ангажирани?“, а Зеќири одговори: „Точно не се сеќавам за поединечно, но повеќето работеле со ексгенералниот секретар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

