Македонија
ЗНМ: Претставка до Судскиот совет за повреда на правото на новинарот Кристијан Ландов да известува од судско рочиште
Новинарот Кристијан Ландов минатата недела бил спречен да ја врши својата новинарска должност додека бил во Граѓанскиот суд во Скопје, каде што бил присутен како јавност на закажаната главна расправа, соопштија од Здружението на новинарите на Македонија.
„По почнувањето на расправата, новинарска екипа на ‘Макфакс’ и на ‘А1он’ била вербално нападната од судијката Наташа Тодорова со закана што може да се протолкува исклучиво како обид за цензура и попречување при вршење на новинарската професија. По почнувањето на судската расправа, судијката го легитимирала колегата Ландов како новинар, му ја побарал новинарската легитимација и кога било утврдено дека е уредно издадена од работодавецот, седнал во делот определен за јавност. Кога судијката завршила со евидентирање на другите присутни, без какво било објаснување, со висок тон, му ги упатила зборовите: „Што правите вие? Соберете тоа лаптопот, одма! Да не ви го одземам и да го носам кај претседателот на судот. Собирајте тоа, не може“.
Ландов појаснил дека лаптопот не снима и нема таква можност, туку го употребува само за пишување забелешки од судењето со цел да се избегнат интерпретации што нема да одговараат со тоа што навистина се случувало. Судијката, без објаснување, повторно се обратила со висок тон со зборовите: „Нема што вие да фаќате забелешки, судот води записник, не вие. Собирајте сè!“, се вели, меѓу другото, во соопштението на ЗНМ.
Од таму посочуваат дека „на овој начин колегата Ландов бил спречен да си ја изврши својата новинарска работа. Здружението на новинарите на Македонија го осудува крајно непрофесионалното однесување на судијката Наташа Тодорова во Граѓанскиот суд во Скопје кон колегата Ландов. Сметаме дека оваа постапка е несоодветна и претставува обид за цензура“.
„Очекуваме од Судскиот совет до кој од новинарот Ландов, помогнат од ЗНМ, беше доставена претставка во име на колегата Ландов, да преземе мерки кон неодговорната судијка, со цел да не дозволи ваква непримерна комуникација во иднина, но и да ги заштити правата на новинарите“, потенцираат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Професор д-р Атанаско Тунески: Енергетската самостојност е услов за самоодржлива држава, а ЗНАМ нуди мерки кои тоа ќе го овозможат
Денеска Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа прес конференција на која професор д-р Атанаско Тунески зборуваше за мерките во енергетиката што се предвидени во програмата на Движењето „Проглас за достоинствена Македонија“ за претстојните парламентарни избори.
Професор Туневски рече дека заложбите за самоодржлива држава подразбираат самојстојност во покривањето на потребите од електрична енергија со производство во енергетските капацитети во државна сопственост.
„Најважните цели во делот за енергетиката од програмата “Проглас за достоинствена Македонија” се: изградба на 2 гасни когенеративни електрани (ТЕ-ТО Скопје и ТЕ-ТО Неготино), до мај 2027, во државна сопственост; почеток на изградба на ХЕЦ Чебрен во државна сопственост, со формирање на Дирекција за изградба на ХЕЦ Чебрен, најдоцна 4 месеци по формирањето на новата Влада; избор на стратешки инвеститор за реализација на проектот Вардарска долина, кој содржи 12 хидроцентрали, најдоцна 2 години по формирањето на новата Влада; завршување на изградбата на гасоводите: Неготино (Кавадарци) – Битола, Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево, како и интерконективниот гасовод со Грција, со што со гасоводна мрежа ќе биде покриено околу 70% од населението во Македонија,; зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 30% во однос на 2023-та година; намалување на трошоците за производство на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 25% во однос на 2023-та година“, рече професор Туневски.
Тој нагласи дека реализацијата на овие цели ќе овозможат енергетска независност на Македонија преку сериозно зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост.
уневски додаде дека Програмата “Проглас за достоинствена Македонија” на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија обезбедува максимум за Македонија преку максимум во енергетиката во Македонија.
Македонија
Крмов од Македонска Каменица: Посебен закон за пензионирање на рударите. 20 години стаж и 10 години бенефициран стаж
Денес, Носителот на листата на Левица во ИЕ3 – пратеникот Борислав Крмов, заедно со членот на Президиумот на Левица – Александар Симонов и советникот од Левица, Тони Стаменковски, остварија средба со граѓаните на Македонска Каменица.
На средбите со рударите, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат тие, пратеникот Крмов истакна:
,,Во моментов рударите одат во пензија со,
од прилика, 27 годишен стаж и 13 години бенефициран стаж. Во ниедна држава не е така. Секаде е тоа помалку, што значи дека ние како пратеници во Собранието ќе бараме посебен закон за рударство, којшто ќе намали на: 20 години стаж и 10 години – бенефициран стаж”.
Пред граѓаните на Македонска Каменица, Крмов истакна и дел од мерките предвидени во изборната програма на Левица што се однесуваат на инфраструктурата и заштитата на природните ресурси:
– Целосна обнова и проширување на руралната патна инфраструктура на локални патишта – со цел поврзаност
на секое село до главните транспортни артерии;
– Прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и забрана за нивно издавање под концесија!;
– Ограничување на концесионерството на природните богатства и на јавните добра и услуги, со целосна забрана за давање под концесии на водни ресурси.
Во однос на домашното земјоделско производство и мерките за земјоделството и стопанството, Крмов се задржа на следново:
– Заштита на домашното производство (Made in Macedonia);
– Рестартирање или отворање на нови профитабилни државни компании во секоја стратешка гранка од стопанството како: рудници, металопреработувачка индустрија, откупни пунктови за земјоделски и шумски производи, производство на автохтона храна и пијалоци и многу други стопански дејности.
Стимулирање на задругарството и кооперативите, во сите сфери на здружување е една од мерките во Програмата на Левица. Тука се мисли на работнички кооперации, земјоделски задруги итн.
Оттука, Левица се залага за поттикнување на задругарството преку проектот „Мало селско стопанство“ (т.н. аграрни кооперативи) со стручна, техничка и техолошка, т.е. механизациска поддршка на земјоделските задруги.
Крмов од Македонска Каменица ја истакна и програмската мерка за гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници потребни за секојдневен живот на населението.
Ова е само мал дел од над 1000 мерки и проекти, предвидени во Изборната програма на Левица, нагласи Крмов.
Македонија
Почувствуван земјотрес во скопското епицентрално подрачје
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, после полноќ на 04.05.2024 година во 01 часот и 39 минути, регистрираше земјотрес чиj епицентар припаѓа на Скопското епицентрално подрачје, со Рихтерова локална магнитуда ML1.9.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението во градот Скопје и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.