Македонија
Крмов од Македонска Каменица: Посебен закон за пензионирање на рударите. 20 години стаж и 10 години бенефициран стаж
Денес, Носителот на листата на Левица во ИЕ3 – пратеникот Борислав Крмов, заедно со членот на Президиумот на Левица – Александар Симонов и советникот од Левица, Тони Стаменковски, остварија средба со граѓаните на Македонска Каменица.
На средбите со рударите, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат тие, пратеникот Крмов истакна:
,,Во моментов рударите одат во пензија со,
од прилика, 27 годишен стаж и 13 години бенефициран стаж. Во ниедна држава не е така. Секаде е тоа помалку, што значи дека ние како пратеници во Собранието ќе бараме посебен закон за рударство, којшто ќе намали на: 20 години стаж и 10 години – бенефициран стаж”.
Пред граѓаните на Македонска Каменица, Крмов истакна и дел од мерките предвидени во изборната програма на Левица што се однесуваат на инфраструктурата и заштитата на природните ресурси:
– Целосна обнова и проширување на руралната патна инфраструктура на локални патишта – со цел поврзаност
на секое село до главните транспортни артерии;
– Прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и забрана за нивно издавање под концесија!;
– Ограничување на концесионерството на природните богатства и на јавните добра и услуги, со целосна забрана за давање под концесии на водни ресурси.
Во однос на домашното земјоделско производство и мерките за земјоделството и стопанството, Крмов се задржа на следново:
– Заштита на домашното производство (Made in Macedonia);
– Рестартирање или отворање на нови профитабилни државни компании во секоја стратешка гранка од стопанството како: рудници, металопреработувачка индустрија, откупни пунктови за земјоделски и шумски производи, производство на автохтона храна и пијалоци и многу други стопански дејности.
Стимулирање на задругарството и кооперативите, во сите сфери на здружување е една од мерките во Програмата на Левица. Тука се мисли на работнички кооперации, земјоделски задруги итн.
Оттука, Левица се залага за поттикнување на задругарството преку проектот „Мало селско стопанство“ (т.н. аграрни кооперативи) со стручна, техничка и техолошка, т.е. механизациска поддршка на земјоделските задруги.
Крмов од Македонска Каменица ја истакна и програмската мерка за гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници потребни за секојдневен живот на населението.
Ова е само мал дел од над 1000 мерки и проекти, предвидени во Изборната програма на Левица, нагласи Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на „Идризово“ по пожарот со четворица задушени чувари: Се запали душек од сунѓер, кој може да пламне и од догорче од цигара
Четворицата задушени чувари од затворот „Идризово“ се во добра состојба и се очекува утре да бидат пуштени дома, вели директорот на затворот, Зоран Јовановски. Ги посетил синоќа, неколку часа откога завршија во болница оти вдишале чад гаснејќи го пожарот во затвореното женско одделение.
„Тие и вчера се чувствуваа подобро, но лекарите рекоа дека вдишаниот чад може да има одложено разложување, па затоа беа задржани за да бидат под надзор. Веќе утре, како што ни е кажано, ќе бидат пуштени дома. Четворицата чувари, заедно со полицајците и војниците, кои се во затворот, го гаснеа пожарот. Огнот не беше толку голем колку што беше чадот. Се запали душек направен од сунѓер, кој воопшто не е по стандардите за опрема во затвори оти може да вивне во пламен и од обичен отпушок. Не требало воопшто да бидат набавени такви душеци, но тука се. Изгорен е само еден душек, другите се само оштетени оти интервенира и пожарната за да не се прошири огнот и во другите простории“, вели директорот Јовановски за „Макфакс“.
Во собата во која избувнал пожарот, како и во другите соби во затвореното женско одделение во „Идризово“, сместени се пет затворенички. Директорот Јовановски не ја исклучува можноста пожарот да бил подметнат, но очекува МВР тоа да го утврди.
„Сунѓерот од кој е направен душекот е високозапалив, можно е да се работи за невнимателност, но можно е и да е намерно запален. Тоа ќе го утврди МВР. Дојде увидна екипа, направи разговори. Очекуваме истрагата да покаже што се случило“, рече директорот Јовановски.
Собата во која избувнал пожарот е испразнета и најбргу што може ќе биде реновирана.
За една година и два месеца, колку што тој е директор на затворот „Идризово“, Јовановски вели дека ова е прв пожар во затворските соби. Пред една недела во пожар изгоре неговиот службен автомобил, а изминатива една и пол година изгореа седум возила на вработени во затворот „Идризово“.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот е 34.87 отсто
До 15 чaсот, од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места, гласале 1574 односно 34.87 отсто, објави Државната изборна комисија.
Во ИМ 2101 во Желино гласале 428 гласачи односно 43.10%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 197 гласачи односно 42 %.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 67 гласачи односно 22.48 %.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 226 гласачи односно 31.79 %.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 173 гласачи односно 26.29 %.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 184 гласачи односно 29.11%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 299 гласачи односно 39.71 %.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 15 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 1.21% на овие избирачки места.
Македонија
(Видео) Трипуновски: Со земјоделците и откупувачите договориме откупната цена на младиот компир да не биде под 20 денари за килограм
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во општина Босилово каде што земјоделците од овој регион веќе неколку дена протестираат заради падот на откупната цена на младиот компир.
– Заедно со мене на протестот присуствуваа и неколку откупувачи и заедно со земјоделците разговаравме за можно решение и се договоривме во наредните 10 дена откупната цена на младиот компир да не биде под 20 денари за килограм, а потоа се договоривме да оствариме уште една средба се со цел да го средиме и останатиот дел од пазарот. – изјави Трипуновски.
Трипуновски рече дека успеале заеднички да се договорат за условите и можностите за понатамошниот тек на откупот на млад компир.
– Денес постигнавме договор кој не е идеален, но е преодно решение во овие тешки моменти кои ги наследивме од Владата на СДС. Во иднина ние како Влада предвреме заедно со земјоделците и откупувачите ќе креираме мерки и стратегии за да немаме повеќе вакви несакани ситуации. – заврши Трипуновски.