Македонија
ЗНМ, ССНМ и СЕММ на средба со Филипче: Нема забрана за снимање, новинарите да продолжат непречено со својата работа
На барање на министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се одржа состанок со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ), а поради вчерашната реакција на ЗНМ и ССНМ во врска со попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
На состанокот министерот Филипче укажа дека не постои одлука од страна на Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа во земјата.
„Инцидентот што се случил во изминатите денови во ‘8 Септември’ на кој не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“, изјавил министерот Филипче.
Претставниците на новинарските организации ја поздравија одлуката на министерот Филипче да се преземат идни активности за решавање на овој случај и додадоа дека само преку заедничка и координирана активност помеѓу министерството и професионалните новинари ќе имаме гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата.
На денешната средба помеѓу министерот и новинарските организации се надмина претходното недоразбирање, во однос на тоа дали постои формална одлука со која може да се ограничи јавниот простор на кој работат новинарите пред јавните здравствени објекти.
Министерот истакна дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата.
Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ, пак, уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес.
Освен ова, присутните се согласија e потребно и во иднина да продолжи комуникацијата со цел да се превенираат слични ситуации кои можат негативно да се одразат на работата на новинарите, но и на здравствените установи и медицинскиот кадар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.

