Македонија
ЗНМ ја промовира анализата за состојбата на дописниците во Северна Македонија
Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше нова публикација во чиј фокус е состојбата со дописниците во Република Северна Македонија. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, ги истака проблемите со кои се соочуваат колегите од внатрешноста.
„Загрижува фактот што дописничката мрежа на МРТ, но и на националните телевизии постојано се намалува, а во одредени медиуми и целосно е укината“, истакна Чадиковски.
Според него, има повеќе причини за настанувањето на оваа ситуација.
„Финансиите се главен проблем за дописниците, а сите досегашни истражувања за социо-економската положба на дописниците покажуваат дека месечните надоместоци или хонорарите по објавен текст или прилог не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот. Но, тоа не е единствениот проблем кој беше детектиран во ова истражување. Недостигот на техничка опрема, притисоците од редакциите, но и од локалните моќници значително ја отежнуваат работата на новинарите“, рече претседателот Чадиковски.
Тој се осврна на дел од анализата во кој е нагласена потребата од интервенција и во законската регулатива со која ќе им се наложи на сите национални медиуми да ангажираат дописници. Дел од препораките кои се однесуваа на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Медиумската информативна агенција (МИА) беа да обезбедат дописништва во секој од осумте плански региони, а притоа на вработените да им обезбедат технички услови за работа и вработувања на полно работно време, со договор на неопределено време.
Во анализата се препорачува на печатените медиуми да вработат по најмалку тројца дописници, бидејќи тоа што се финансиски помогнати од јавниот буџет носи и свои обврски, во интерес на добро информирана јавност за теми од локален и регионален карактер.
Во однос на националните терестријални и кабелски телевизии во анализата се препорачува да ги зголемат своите дописнички мрежи, и да обезбедат соодветни услови за работа за новинарите.
„Потребно е да се направат измени и дополнувања во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и тоа во глава VI, член 22 кој се однесува на бројот и структурата на вработени. Овие измени треба да гарантираат дека од минимум 30 вработени новинари во терестријалните, најмалку 4 треба да се дописници со полно работно време, односно од минимум 10 вработени новинари кај кабелските телевизии најмалку 2 да се дописници со полно работно време“, истакна Чадиковски.
Оваа публикација беше подготвена во рамките на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

