Македонија
Зошто повторно се случува хаос во ЈСП, вината е во неспособноста на Данела Арсовска и нејзината коалиција со СДС, ДУИ и Левицата, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Коалицијата на Данела Арсовска, СДС, ДУИ и Левица во Град Скопје се директно одговорни за хаосот во ЈСП. Тие пред само еден месец лажеа, драматично го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорен за тоа што во Скопје нема градски превоз поради доцнење на платите. Но вистината излезе на виделина после помалку од еден месец. И овој месец повторно доцни исплатата на плата во законскиот рок во ова јавно претпријатие иако Советот изгласа субвенции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вината е во нивната и неспособноста на Данела Арсовска. Тие заедно со менаџерскиот тим во ЈСП, иако добија 700 милиони денари или 11 милиони евра пред дваесетина дена, повторно доцнат со исплатата на плата во претпријатието во законски определениот рок, а причината никој не ја знае.
Срамно и бедно. Уште се свежи сликите на Данела Арсовска како на 22 јануари прикажуваше лажен триумфализам и велеше дека се обезбедени пари за плати „за цела година да не му ја мислиме“ мафтајќи во занес со рачето. Зошто платите не се исплаќаат навремено?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Данела и нејзините коалициски партнери, како што додаваат, безмилосно ги манипулираа скопјани, возачите и нивните семејства за ситен поен.
„Уште кога на вонредната седница се изгласаа 11 милиони евра субвенции на ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека претпријатието е бунар без дно поради лошото менаџирање. Тогаш баравме извештај и увид каде и како се трошат народните пари? И тогаш предупредувавме дека после само неколку месеци пак ќе дојдат Данела и менаџерите да бараат пари за плати во ЈСП. По се изгледа нашите предвидувања ќе се остварат многу побрзо“, се истакнува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, СДС, Левица ДУИ и Данела Арсовска треба да излезат и да дадат одговори, зошто повторно се случува хаос во ЈСП?
„Манипулациите и лагите им се распрснаа како меур од сапуница во лице. Неспособни се и криминогени, и тоа е нивниот лепак што им ја врзува коалицијата“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарскиот претседател и премиерот: Не прифаќаме изјави од Северна Македонија кои се во спротивност со меѓународните договори
Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Северна Македонија. Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат, наведува во својот став бугарскиот претседател, Румен Радев.
„Европската перспектива на Северна Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори во кои таа е страна, како и од преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во јули 2022 година, која нема да се ревидира“, нагласува шефот на бугарската држава.
Реагираше и премиерот Димитар Главчев.
„По повод церемонијата на инаугурација на новиот претседател на Република Северна Македонија, Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и, во принцип, со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата, пренесе БНР.бг.
Главчев додава и дека Северна Македонија земја-членка на НАТО, од која произлегуваат соодветните обврски и одговорности.
Новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова вчера предизвика остра реакција и предупредувања од Грција и ЕУ, откако при полагањето заклетва како шеф на државата изјави дека ќе го почитува Уставот и ќе ја брани независноста на Македонија, користејќи го името што го имаше земјата пред Договорот од Преспа со Грција во 2018 година, потсетуваат бугарските медуими.
Македонија
МНР повика на внимателност од државните функционери: Со Грција развивме политички дијалог на високо ниво
Министерството за надворешни работи објави дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, познат како Договорот од Преспа.
„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД“, велат од МНР.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери.
Од тука додаваат дека задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, на вчерашната инаугурација во Собранието положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија. Утрово реагираше и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој рече дека нема да прифатат слични лапсузи.
Македонија
Мицотакис до Силјановска: Категорично наведуваме дека нема да прифатиме слични лапсуси
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го изрази грчкото неодобрување на ставот и постапките на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која се заколна во името на „Македонија“, а не на „Република Северна Македонија“ како што е предвидено со Договорот од Преспа, пишуваат утрово грчките медиуми.
„Категорично наведуваме дека нема да прифатиме слични лапсуси. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависи од искреното почитување на договорите. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнување предизвици. Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со друго име е незаконска и недозволива иницијатива. Акт со кој се крши Договорот од Преспа и самиот Устав на нејзината држава. Сепак, поткопувајќи ја нејзината иднина, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, нагласува Мицотакис во својот пост на Фејсбук.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во објава на Х, го опиша фактот што новата претседателка на Северна Македонија не го употреби уставното име на земјата за време на церемонија на полагање заклетва како многу разочарувачки.
Congratulations to the new President of North Macedonia, Gordana Siljanovska-Davkova.
I look forward to working with you on advancing 🇲🇰 path towards the EU, through implementation of reforms and commitments.
The future of North Macedonia & the Western Balkans is in 🇪🇺.…
— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024