Македонија
Ибрахими: Подобрени условите за живеење на лицата со инвалидност
Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими се обрати на тематската расправа “Здравствена заштита и здравствено осигурување на лицата со инвалидност во Република Македонија”, на која ги потенцираше проектите за унапредување на квалитетот на живеење на лицата со инвалидност.
Тој ги акцентираше проектите во сферата на вработувањето, реализирањето на проектот за користење бесплатна услуга на рехабилитација и рекреација за деца кои се со пречки во менталниот и телесниот развој на возраст од 6-26 години и кои се корисници на правото на посебен додаток.
„Потоа во процесот на деинституционализацијата отворени се и функционираат повеќе станбени единици за самостојно живеење со поддршка на лица со интелектуална попреченост. Отворени се 32 дневни центри како социјални сервисни служби за децата со попреченост, Дневниот центар за деца со аутизам–Чаир, Дневниот центар за деца со оштетен вид на предучилишна возраст (до шест години). Исто така, се зголеми посебниот додаток за материјално необезбедените родители на деца со пречки во развојот за 25%, а во 2011 година воведни се дополнителни мерки за поддршка на најзагрозените категории на граѓани. За слепите лица и ивалидните лица се воведе надоместок за слепило и мобилност. За овие лица воведено е и право на придружник за време на лекување во јавни здравствени установи на товар на Министерството за труд и социјална политика итн.”, рече Ибрахими.
Тој особено го издвои учеството на Министерството за труд и социјална политика во акцијата ,,Домашна визита”.
„Имено, до Министерството за здравство редовно се доставуваат ажурирани списоци на корисници на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, право на постојана парична помош, право на мобилност, слепило и додаток за глувост, за посета во домашни услови. Во изминатите акции домашни визити кои Министерството за здравство ги спроведува од 2013 година, завршени се шест бранови на овие активности во кои што се посетени околу 104.000 лица, од кои 13.592 лица се корисници на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, право на постојана парична помош, право на мобилност, слепило и додаток за глувост, кај кои поради ментална или психичка попреченост достапноста во примарната здравствена заштита им е отежната, а во моментов во тек е спроведувањето на седмиот бран од проектот ,,Домашна визита”, додаде министерот.
На тематската расправа свое обраќање имаа и претседателот на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија Бранимир Јовановски, како и претседателот на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија Душан Нешевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија
„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.