Македонија
Иванов именува нов директор на Агенцијата за разузнавање
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во понеделникот по завршувањето на мандатот на Наќе Чулев на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, донесе одлука со која го именуваше Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање.
Зоран Иванов досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство.
По завршување на воената академија во Скопје е поставен на должност во батаљонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медал бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД за извршување на должност командир на воениот контингент и вршење на специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година.
Има завршено и магистрирано на колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување.
Досегашниот директор, Наќе Чулев продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање на податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите во странство на Република Македонија./кра/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

