Македонија
Иванов ќе му го врачи мандатот за формирање влада на Никола Груевски
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во понеделник, во 13 часот ќе го врачи мандатот за состав на Влада на Република Македонија на Никола Груевски, претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од кабинетот на претседателот.
По конституирањето на новото Собрание, односно верифицирањеto на мандатите на сите 120 избрани пратеници на 30 декември, се исполни законскиот услов да почне да тече рокот за формирање влада.
Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, рок кој истекува денеска, мандатот за состав на новата влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандатарот во рок од 20 дена до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата. Потоа, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако во тој период мандатарот не успее да состави влада, тогаш се повторува целата постапка со друг мандатар.
„Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена. Ако сé оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада, но доколку се прекршат сé е можно“, вели во интервјуто објавено во дневниот весник Дневник, челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во врска со платформата што по што во саботата ја објавија трите албански партии застапени во парламентот ДУИ, Движењето Беса и Алијанса за Албанците.
Албанските партии во Македонија во саботата објавија дека ја усвоиле заедничката платформа, зад која стојат ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада, и во која се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален, економска рамноправност, со учество на албанските партии да се реши спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица други барања, меѓу кои и осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.
На предвремените парламентарни избори на 11 декември коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ во коалиција со граѓански активисти освои 49 мандати, ДУИ – 10, Движењето Беса – 5, Алијансата за Албанците – 3 и ДПА – две пратенички места./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во „Пулс“ влегол со билет за кој не добил фискална, никој не му побарал лична карта, а од стампедото го спасил обезбедувачот Столе, сведочеше Иван Данаилов
Дваесетипетгодишниот Иван Данаилов, гостин во „Пулс“ вечерта кога се случи пожарот, на денешното судење сведочеше дека во клубот влегол со билет за кој не добил фискална сметка, не му бил побаран документ за идентификација, а откога се случил пожарот и настанало стампедото, обезбедувањето му помогнало да излезе.
Данаилов во детали објаснуваше што се случувало ноќта кога се случи пожарот во „Пулс“. Бил повикан на роденден кај другар и во дискотеката стигнал 50 минути по полноќ.
„Пристигнав сам, купив билет од човекот кој секогаш продаваше билети, Тодор. Не ми даде фискална сметка, никогаш не сум добил фискална во таа дискотека“, кажа Данаилов.
На влезот имало двајца, но не се сеќава дали носеле ознаки дека се обезбедување. Едниот ги преземал билетите, а другиот ставал печати на рацете на гостите кои значеле дека имаат билет за таа вечер. Никој не му побарал документ за идентификација.
Данаилов сведочеше дека објектот, освен влезот преку кој тој влегол, има уште еден, лево од бината, но кажа дека никогаш не видел дека некој го користи.
Се сместил во првиот ред маси пред бината, дискотеката била полна и тешко се минувало меѓу масите. Меѓу гостите забележал малолетни кои лично ги познава. Бендот почнал со концертот во два часот по полноќ, а во 02.32 се случил пожарот. Данаилов во првиот момент не забележал дека нешто гори.
„Прво со другарите на масата не го видовме, беше директно над нашите глави, надвор од нашето видно поле. Потоа од бендот го видоа и рекоа на микрофонот дека настанал пожар, побараа помош, сопственикот да донесе противпожарни апарати, музиката престана“, сведочеше Данаилов.
Го послушал советот на пејачот и тргнал надвор. Пред да стигне до излезот настанало стампедо, веќе се било зачадено. Успеал да стигне до скалите, но некој пред него се сопнал па сите паднале на скалите еден врз друг. Никој не ги упатувал каде да се движат.
„Откако паднав на скалите, се сеќавам дека лежам најдолу, ги имав поминато сите скали. Пробав да станам, ама нозете ми беа приклештени од други луѓе. Пред мене се појави Столе од обезбедувањето. Му побарав помош, му пружив рака, тој ме фати и ме извлече од гужвата. Сакам јавно да му се заблагодарам за тоа“, рече сведокот Данаилов кој успеал да излезе од опожарениот објект без повреди.
И тој, како и претходниот сведок, потврди дека во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, но инциденти немало.
Полиција забележал дека има надвор, кога веќе излегол.
Во пожарот кој се случи на 16 март 2026 година во кочански „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 се повредени.
Македонија
МВР ги објави казните за „Безбеден град“: што ќе се санкционира и колку ќе плаќаат возачите кои ќе направат прекршок
Во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот и доследна примена на законите, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните за прекршоците што се санкционираат преку системот „Безбеден град“ и предвидените глоби.
🏙️ Пречекорување на брзина во населено место
(дозволена брзина до 50 km/h, по исклучок до 70 km/h со знак)
• до 10 km/h над дозволеното – 15 €
• од 10 до 30 km/h – 50 €
• од 30 до 50 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
🛣️ Пречекорување на брзина надвор од населено место
(130 km/h автопат • 110 km/h пат за моторни возила • 90 km/h други патишта)
• до 30 km/h над дозволеното – 20 €
• од 30 до 50 km/h – 50 €
• од 50 до 70 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
🚦 Поминување на црвено светло
• 250 € глоба
• забрана за управување 3–12 месеци
🅿️ Непрописно запирање и паркирање
(пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки и други критични локации)
• глоби од 25 €, 40 €, 150 € и 180 €
(во зависност од видот и тежината на прекршокот)
🚗 Учество во сообраќај со нерегистрирано возило
(без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици)
• 500 € глоба
• ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена – 100 €
⏳ Намалување на санкциите
• Плаќање во рок од 8 дена → се плаќа 50% од глобата
• Ако има и забрана за управување → се изрекува во половина од пропишаниот рок
⚠️ МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, за поголема лична и општа безбедност и намалување на сообраќајните незгоди.
Македонија
Николоски предлага три решенија за проблемот со шенгенските правила за превозниците
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска на граничниот премин Блаце им даде поддршка на домашните транспортери, кои од денеска започнуваат седумдневен предупредувачки протест заедно со превозници од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Протестот се организира како израз на револт против новите правила за електронска евиденција при престој и транзит во Шенген зона.
Николоски истакна дека протестот има предупредувачки карактер и има за цел навремено да се укаже на последиците што би настанале по 10 април, доколку не се најде решение. Според него, земјите од Шенген зоната треба да ги искористат месеците февруари и март за изнаоѓање соодветно решение за проблемот со кој се соочуваат превозниците.
Тој наведе дека постојат три можни решенија: одложување на примената на електронскиот систем за превозниците, зголемување на дозволениот број денови за престој во Шенген зоната од 180 на 250 дена или нивно третирање како професионалци, а не како туристи, со можност за работни визи или исклучување од постојните правила, по примерот на Швајцарија.
Николоски предупреди дека доколку не се изнајде решение, може да има сериозни последици врз македонската, регионалната, но и европската економија, имајќи ја предвид зависноста на регионот од трговијата и транзитот со земјите од Европската Унија.
Тој најави дека веќе остварил разговор со министерот за транспорт на Грција, а во среда ќе отпатува во Загреб на средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Хрватска, со цел координација и зголемување на притисокот за изнаоѓање решение.

