Македонија
Иванов ќе почне консултации со политичките партии
Претседателот Ѓорге Иванов, во среда ќе оствари поединечни средби со политичките партии, на кои ќе се разговара за актуелната политичка состојба, потврдија од кабинетот на Иванов.
„Консултациите со парламентарните политички партии следуваат по средбата на Иванов со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски и средбата со евроамбасадорот Жбогар“, велат од Кабинетот на претседателот.
Иванов на средба со претседателот на Уставниот суд, во вторник истакнал дека досега постапувал исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, почитувајќи го Уставот на Република Македонија. Претседателот посочил дека и во однос на актуелната ситуација ќе постапува во согласност со уставните одредби и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Македонскиот претседател во понеделникот имаше средба со Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, на која се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата и за ставот на ЕУ по ова прашање.
Имено, по одржувањето на предвремените парламентарни избори, мандатот да состави влада го доби лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, чија партија освои 51 пратеничко место, додека СДСМ освои 49 мандати. Груевски не успеа да формира влада откако не се договори со досегашниот коалициски партнер ДУИ, партија која има 10 пратенички мандати и се која се стигнува до бројка за парламентарно мнозинство. Од друга страна пак, на изборите 5 мандата доби новоформираното албанско движење БЕСА, 3 мандата Алијансата на Албанците на Зијадин Села и 2 мандата освои ДПА, чиј претседател Мендух Тачи пак, си даде оставка на функцијата поради слабите резултати на изборите.
Откако Груевски не успеа да формира влада, во јавноста постојат две толкувања на Уставот на кого следен треба да му се даде мандатот. Едни тврдат дека тоа треба да е Зоран Заев од СДСМ како втор на листата победници, а други дека треба повторно да го доби ВМРО-ДПМНЕ, но во рацете на друг човек од партијата.
На претседателот му се забележуваше што и пред да го даде мандатот на Груевски не се консултирал со политичките лидери и да увиди кој може да состави влада, за да не се троши време.
Оној кој ќе го добие мандатот ќе има дваесет дена да формира влада. Од СДСМ очекуваат тие да го добијат мандатот и сигурни се дека ќе можат да ја формираат владата, иако бројките не се на нивна страна, а од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да се одржат нови избори како решение на новонастанатата ситуација. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

