Македонија
(Видео) Избран нов заменик-претседател на Судскиот совет, решен бил да носи мудри и храбри одлуки

Судијата Ханиф Зендели е избран за нов заменик-претседател на Судскиот совет. Тој беше предлог на членот Ивица Николовски. Како нов челник на Советот посочи дека може да се донесат мудри и паметни одлуки.
„Многу кажа колегата Ивица. Благодарам на поддршката. Состојбата е таква каква што е, сите знаеме. Во оваа состојба мислам дека заедно можеме да постигнеме резултати. Да направиме чекори што му личат на еден судски совет, да донесеме мудри, паметни и добри одлуки“, рече Ханиф Зендели.
Претходно, Николовски рече дека Зендели може да раководи со Советот.
„Мојот предлог е за заменик-претседател, го предлагам Ханиф Зендели. Колегата е долгогодишен судија, помина основен суд, подолг период беше и апелациски судија. Исто така, тој беше претседател и на суд. Овие негови придобивки ми даваат надеж дека располага со знаења и доволно искуство во менаџирањето како претседател во комуникациите суд – Судски совет. Како член на Судскиот совет е подолг период тука, така што имал можност да го збогати своето искуство во решавањето на потребите, т.е. проблемите поврзани со судството. Во овој момент двајца судии ќе раководат со Судскиот совет“, рече Ивица Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.