Македонија
Изготвен новиот закон за амнестија – предвидува намалување и ослободување од затворски казни за лесни дела
Министерството за правда го подготви предлог-законот за амнестија, со кој се овозможува ослободување и намалување затворски казни за лесни кривични дела.
Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на Владата. Предлог-законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собранието, кои треба да дадат свои забелешки и сугестии.
Од Министерството велат дека целта е да се овозможи растоварување во казнено-поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во многубројни меѓународни извештаи, како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.
Со законот се предлага ,лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци се ослободуваат од издржување 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Амнестијата не се однесува на лицата што се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење семејно насилство и родово-базирано насилство.
Амнестијата не се однесува за кривични дела разбојништво од член 237 став 5 и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија од член 249-а, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичниот законик.
Амнестијата не се однесува на лицата што делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.
Амнестијата не се однесува на лицата што во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.
Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.
Министерството повика на поддршка од сите пратеници за ова законско решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

